УСАИД со континуирана посветеност за инклузија на лицата со попреченост

12

2УСАИД во партнерство со македонските граѓани, институции, здруженија и организации, во изминатите 25 години посветено работи за подобрување на квалитетот на живот во земјата преку различни проекти, допирајќи до речиси сите сегменти од општественото живеење.

Во рамките на проектите за создавање на еднакви можности и еднаков пристап до образование и вработување за маргинализираните категории на граѓани, УСАИД континуирано работи на подигнување на општествената свест за инклузија на лицата со попреченост во сите сфери од општественото живеење. УСАИД во соработка со соодветни партнери, граѓански организации, медиуми и надлежни локални и јавни институции, им овозможува на овие лица да се стекнат со практична работа, но и можност за вработување во приватниот сектор.

Така, во соработка со над 360 компании од приватниот сектор, повеќе од 40 организации кои работат во областа на застапување на правата на лицата со попреченост, јавни институции и асоцијации, во периодот од 2012 година до 2016, вработени се повеќе од 115 лица со попреченост, 12 отвориле сопствен бизнис, повеќе од 70 лица реализирале практична работа во различни компании, јавни институции и невладини организации. Преку 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост.

Проектите на УСАИД во својата суштина се базираат на долгорочност и креирање на долготрајни ефекти од започнувањето, имплементацијата, па се до нивното формално завршување, со цел да создадат основа за понатамошен развој на одредена сфера. Оттука, проектите за инклузија на лицата со попреченострастат и се развиваат во однос на нивните потреби и поширокиот општествен контекст, но и барањата на пазарот на труд.

Така, во моментов УСАИД во партнерство со фондацијата iVote работи на проект којшто има за цел да ја зголеми  интеграцијата на младите лица со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, со акцент на ИКТ индустријата. Во рамките на проектот е вклучена иновативна платформа со онлајн обуки за интерактивно учење, развој на деловно работење и меки вештини, како и обуки од полето на информатичката технологија. Сите курсеви се достапни за сите заинтересирани млади, без разлика дали имаат некој вид на попреченост или не, при што курсевите во комбинација со практично искуство во компаниите ќе им овозможат на младите да се стекнат со потребните вештини за да ги надминат бариерите што го спречуваат нивното учество во работната сила на пазарот на информатичката технологија.

Крајната цел на проектот е да помага на младите со попреченост во процесот на барање работа и можности за вработување во приватниот секторкако и нивно професионално оспособување за работа во ИКТ индустријата.

Преку овој проект досега се изготвени 20 онлајн курсеви за меки и бизнис вештини во формат кој целосно одговара на потребите на заинтересираните лица,односно се прилагодени за да може да ги следат лица со оштетен вид, слух, говор или пак блага интелектуална попреченост. Ова е првпат во Македонија да бидат достапни вакви содржини во пристапен формат. Повеќе од 130 млади лица ги завршиле овие онлајн обуки, а 27 преминале во втората фаза каде се обучуваат за работа во ИКТ секторот во една од трите области: тестирање на софтвер, програмирање и мултимедија. Овие лица по завршувањето на курсевите, ќе имаат можност за работаво ИТ компаниите каде ќе можат практично да ги применат стекнатите вештини, како основа за понатамошно вработување.

Со нашите активности на ова поле сакаме да покажеме дека секој човек има специфичен капацитет, способност и талент и дека секој граѓанин може да даде свој придонес во општеството доколку му се даде соодветна можност. А да се обезбедат еднакви можности за сите е заложба на секоја држава.