Уште 13 оператори со храна од земјава се регистрирани за извоз во земјите членки на Европската унија, соопшти денеска Зоран Атанасов, директор на Агенцијата на храна и ветерина (АХВ), пренесува МИА.
Одобренијата за извоз, како што се наведува, им се издадени во периодот од јуни 2017 до крајот на декември 2019.
“Станува збор за компании кои извезуваат главно храна од животинско потекло, јајца, млечни, месни и производи од риба“, рече Атанасов.
Според него, АХВ го изврши прилагодувањето на законодавството со европското во најголем дел преку задоволување на хигиенските стандарди, вклучително и за традиционалните производи.
“Унапредени се условите на фармите и благосостојбата на животните, модернизирани се производните објекти за храна од животинско потекло, подобрен е квалитетот на суровото млеко, зголемена е контролата на пестицидите, а сигурен, веродостоен е и системот на националните лаборатории. На овој начин храната произведена во Република Северна Македонија ги гарантира високите стандарди не само за своите, туку и за потрошувачите на ЕУ“, рече Атанасов.
Фото: Pexels