Уште една европска држава размислува за работна недела од 4 дена

71

Федералната влада во Белгија ќе го разгледа предлогот за намалување на работните денови од пет на четири дена во неделата. Предлогот, изнесен од либерално ориентирани политичари и парламентарци, предвидува неделниот број на часови да не се менува, туку само да се намали бројот на работни денови.

Предлогот повикува неделното работно време, кое е 38 или 40 часа во зависност од секторот, да се распредели во текот на четири дена. Предлогот на либералите е поддржан од многу политички партии. Мејрем Алмачи, претседател на Партијата на зелените во фламанскиот регион во Белгија, изрази поддршка за предлогот.

“Во принцип, ние веруваме дека овој предлог е добар за слободата на вработените, но секако, одлуката треба да им се препушти на вработените“, рече Алмачи. Партијата на зелените исто така побара да се консултираат мислењата на сите социјални партнери, вклучително и синдикатите и работодавачите пред да се донесе одлука.

Социјалистичките синдикати се спротивставија на предлогот. Претставниците на синдикатот тврдат дека не само работните денови, туку и работното време на вработените треба да се скратат. Се очекува федералната влада следната недела да разгледа за кои сектори може да се однесува предлогот.