Уште една изгубена битка за Европа – Мароко станува нова база на Кина за производство на батерии

78

Со оглед на фактот дека кинеските производители на батерии доминираат со светскиот пазар, а во Европа нивниот пат е „трнлив“, Кина се свртува кон други партнери. Мароко станува нивна нова база за производство на батерии за електрични автомобили.

Имено, се чини дека Европа е сè уште неодлучна во која насока ќе се движи мобилноста во блиска иднина. Она што е познато е дека динамиката на побарувачката за електрични возила е во пад во последните месеци и дека не се наѕира оптимизам. Од една страна, повисоките тарифи кои на почетокот на јули ЕУ ќе ги воведе за електричните возила увезени од Кина, не изгледаат како најдобра идеја доколку купувачите треба да се мотивираат за возила без емисии. Од друга страна, Европа веќе претходно, на клучни пазари како на пример Германија, се откажа од субвенции за нивното купување. Исто така, многу брендови се откажуваат од своите планови за електрификацијата, играјќи на картата на хибридните технологии.

Во меѓувреме, европската мрежа на станици за полнење сè уште не е доволно развиена, и не е можно да се воспостави синџир на снабдување кој е доволно моќен да ја намали зависнсота од Кина. Токму овој проблем создава плодно тло за кинеските инвеститори во Мароко.

Оваа северноафриканска земја е на пат да стане центар за кинеските производители на батерии, кои оттаму полесно ќе дојдат до Европа. Во прилог на Мароко одат економската и политичка стабилност, спогодбите за слободна трговија и квалификуваната работна сила, како и добрата инфраструктура. Кинеските компании сè веќе присутни во Мароко, а сега и конкретно се планира изградба на гигафабрика за батерии северно од Рабат.

Според Bloomberg, Кина има таква контрола врз глобалното производство на батерии што може да произведува LFP батерии по речиси половина од цената на глобалниот просек. Овие батерии, иако имаат помала енергетска густина, се поевтини за производство, што е важно за стратегијата за воведување електрични автомобили по пристапни цени, нешто кон што се стремат и европските производители.

Во оваа смисла, Мароко може многу брзо да стане еден од главните извозни центри на електрични автомобили и батерии за Европа, особено со евтините LFP батерии. Непријателството кое Европа го има со Кинезите веќе ги покажува своите последици. Сепак, Мароко е само една од низата земји кои ќе ја искористат оваа можност.