Услугите „Купи сега, плати подоцна“ се хит – и кај потрошувачите и кај криминалците

121

„Купете сега, платете подоцна“ услугите не се популарни само кај потрошувачите. Испаднаа дека се хит и меѓу криминалците.

Измамите се во пораст на некои од најголемите платформи во индустријата „купи сега, плати подоцна“ (Buy Now, Pay Later- BNPL), кои ги вклучуваат Klarna, Afterpay и Affirm, велат експертите за CNBC.

Производите на BNPL им овозможуваат на потрошувачите да ги поделат трошоците за нивните набавки во рамки на три или четири месеци, честопати без камата. Тие станаа исклучително популарни во Соединетите Американски Држави и Европа и генерираа скоро 100 милијарди долари во трансакции ширум светот само во 2020 година.

„Криминалците сакаат да купуваат сега, и да плаќаат подоцна“, рече Мартин Рихак, извршен директор и ко-основач на чешката стартап компанија за откривање измами Resistant AI. „Криминалот веќе може да се види на неколку нивоа“.

Криминалните групи ги користат слабостите во процесот на аплицирање за заеми за BNPL, велат експертите, користејќи лукави тактики незабележано да се прикрадат и да крадат стока – од пица и алкохол, до конзоли за видео игри.

Една од ранливостите, вели Рихак, е тоа што компаниите се потпираат на податоци за да одобруваат нови клиенти. Многу компании во индустријата не спроведуваат формални кредитни проверки, туку користат внатрешни проверки за да ја проверат нивната кредитнаспособност врз основа на информациите што веќе ги имаат.

Трговците на мало кои работат со платформите BNPL „ги категоризираат работите поинаку“, рече Рихак, додавајќи дека тоа може да доведе до недоследности. „Секогаш постои начин да се искористи тоа и во суштина да се украде од вас, искористувајќи ја туѓата грешка“.

На пример, партнер-трговец може да организира посебен настан за да рекламира алкохол, но да прикачи нејасна категорија на него како „специјален настан“. Ова води до ризик од измама доколку системот за вештачка интелигенција не ја препознае категоријата и не и даде поопшт наслов со помал ризик од неисполнување на обврските.

Рихак вели дека многу измамници ги крадат идентитетите на луѓето или ги присвојуваат нивните сметки за да избегнат да бидат откриени, што на крајот доведува до тоа да плаќаат жртвите. Тој одби да именува конкретни компании, велејќи дека неколку бизниси на BNPL се клиенти на Resistant AI.

Исклучително профитабилни

Кевин Гошок, основач и извршен директор на американскиот стартап за спречување измами, Arkose Labs, вели дека криминалците се повеќе ги таргетираат BNPL платформите бидејќи имаат „помеки“ контроли од големите банки и компаниите за кредитни картички.

„Финтек компаниите се многу профитабилни бидејќи тие се обично брзорастечки компании во рана фаза на развој“, вели тој. „Тие имаат многу помала контрола од големите банки, кои долги години работат на безбедноста, па тоа ги прави добра мета.

Klarna ги негираше тврдењата дека нејзините проверки за измами и контрола биле послаби од оние на банките, а Afterplay рече дека имало „обемни процеси за измама“ при проверка на новите корисници.

Гошок вели дека измамниците во САД ги користат таквите услуги за да го искористат недостигот на снабдување. Тој дава пример на криминалци кои купуваат PlayStation 5 конзоли преку платформите BNPL и ги продаваат по многу повисоки цени на интернет заради профит.

Бидејќи услугите „купи сега, плати подоцна“ им овозможуваат на потрошувачите да ги поделат плаќањата за нивните набавки на четири еднакви рати, измамниците можат да платат само 25% од основната вредност – околу 125 долари за PS5 – и да избегнат да го платат остатокот, рече шефот на Arkose Labs.

Компанијата вели дека нејзини главни клиенти се финансиски институции, технолошки гиганти и компании за видео игри. Неговите клиенти вклучуваат компании како што се Microsoft и PayPal, а втората има своја „купи-сега-плати-подоцна“ услуга.

Експертите велат дека друга причина зошто платформите BNPL се насочени е нивната популарност – многу е полесно да останете незабележани кога има море од луѓе кои аплицираат за заем.

„Ако сакате да преживеете во платежниот бизнис, мора да растете многу брзо“, вели Рихак.

И не само поединци мамат со овие услуги, додаде тој. Криминалците исто така прибегнуваат кон помош од други за да го измамат системот, нудејќи им го своето знаење за да извршат измами од големи размери.

Божиќен шопинг

Предупредувањата за измами со платформите „купи сега, плати подоцна“ се крајно навремени, бидејќи „црниот петок“ ја започнува критичната божиќна шопинг сезона.

„Ќе има огромна количина на измами бидејќи тие [платформите] секогаш ги намалуваат своите безбедносни проверки за време на овие настани бидејќи не сакаат да влијаат на продажбата“, рече Гошок.

За разлика од компаниите со кредитни картички, повеќето приходи на компаниите BNPL доаѓаат од трговци. Компаниите како што се Klarna и Afterpay им наплаќаат на трговците на мало мали надоместоци за сите трансакции обработени преку нивните платформи.

Клучната продажна точка за трговците на мало е тоа што тие често забележуваат зголемување на продажбата како резултат на соработката. Ова предизвикува загриженост дека плановите на BNPL ги поттикнуваат потрошувачите да живеат над средствата, што ги имаат.

„Трговците на мало обично со задоволство прифаќаат одредено ниво на измама како цена што треба да ја платат за водење бизнис“, рече Готчок.

Алекс Марш, шеф на Klarna за Британија, рече дека компанијата врши „проширени и опсежни инспекции – внатрешно и надворешно“.

„Овие коментари, засновани на набљудувања на други BNPL компании, немаат никаква сличност со деловните способности на Klarna или спречување измами“, рече Марш. „Нивото на измами кај нас е половина од нивото кај кредитните картички и имаме многу пософистицирана технологија во нашите инспекции и производи отколку банките и издавачите на кредитни картички“.

„Ние соработуваме поблиску со трговците отколку просечна банка или издавач на кредитни картички, што значи дека имаме побогато ниво на податоци за производите за да наметнеме посилна и подинамична заштита од застарените начини на плаќање, како што се кредитните картички“, додаде тој.

Afterpay вели дека управувањето со измами е „главен приоритет“ за компанијата и дека загубите од измами се помали од 1% од нејзината глобална продажба во последната фискална година.

„Нашиот систем за управување со ризик се заснова на водечки на пазарот комерцијални алгоритми за машинско учење кои постојано се прилагодуваат за да се спротивстават на потенцијалните закани“, рече Рич Баер, менаџер во Clearpay за Британија, меѓународната поделба на Afterpay.