По цели 19 часа, насуканиот крузер Коста Конкордија конечно е исправен. Бродот што се насука и потона во јануари 2012 година кај островот Џилио конечно е извлечен од карпите и сега е во хоризонтална положба, јавува Франс прес.
Работниците користеа кабли и метални кутии полни со вода за да го постават бродот на платформа. Во текот на операцијата можеше да се види како бродот полека се исправува, а на неговиот труп јасно се гледа границата до која бил потопен.
Операцијата за исправување започна вчера, 16 септември, во 9 часот утрото, со задоцнување од три часа поради невреме. По 19 часа, успешно е завршен првиот дел. Сега останува уште бродот да биде извлечен и однесен на сечење.
Дваесет месеци по несреќата на бродот, во која загинаа 30 лица, а две се сметаат за исчезнати, италијанските власти дадоа зелено светло за оваа операција на исправување на бродот. Со помош на цементни вреќи и посебно изработени метални платформи, претходно работниците успеаја да го стабилизираат бродот кој секој момент можеше да се излизга во подлабоки води.
Италијанските власти предвидуваат дека оваа операција ќе чини околу 600 милиони евра. Во операцијата учествуваат 500 лица од 26 земји, од кои 120 се нуркачи, 70 заварувачи, 60 пилоти, 50 инженери, но и 10 биолози кои ја следат состојбата на морето. За следење на операцијата се акредитирани преку 350 новинари, фоторепортери и ТВ сниматели од целиот свет.
Во моментот на несреќата, на бродот имаше 4.229 патници. Досега пет лица се обвинети за оваа несреќа, а судењето на капетанот на бродот Франческо Скетино се уште трае.