Усвоен ребаланс на буџетот, дефицитот ќе изнесува 8,4%

40

Владата на осмата седница го утврди предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година и донесе заклучок да го достави на усвојување до Собранието на Северна Македонија.

Согласно финансиските показатели, проекциите покажуваат дека дефицитот во Буџетот ќе изнесува 8,4% заради растот на расходната страна во која со најголем процент учествуваат мерките за ублажување на економските последици предизвикани од пандемијата со КОВИД-19.

Приходната страна на Буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар.

Со ребалансот на Буџетот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно.

Сите мерки од пакетите 1,2,3 и 4 за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза ќе се реализираат согласно плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата преку ликвидност на компаниите и за зголемување на јавната потрошувачка.

Со дополнително кратење на непродуктивни трошоци и со реалокација на средствата во Буџетот ќе се задржи исполнувањето на обврските како што се редовната исплата на доспеаните долгови и субвенции, особено во програмите за рурален развој, за образование, за заштита на животната средина и други еколошки проекти, како и за реализација на капиталните проекти.

На седницата, на предлог на Министерството за финансии утврден е Предлог – законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица.

Со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба се создава можност физичките лица кои се пријавени и се корисници на апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи преку која се пријавуваат фискалните сметки, со цел враќање на ДДВ-то за фискалните сметки издадени на 10,11 и 12 октомври да им се врати целиот износ на данокот на додадена вредност.

Заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги како заради зголемена дигитализација на нашето општество враќањето на целиот износ на ДДВ-то ќе се однесува за прометот на домашни производи и услуги како и за компјутерска опрема кој не надминува 30.000 денари по лице за сите фискални сметки издадени на 10,11 и 12 октомври 2020 година.

Фото: Pixabay