Увоз вреден 732 милиони долари: Која роба Америка најмногу ја бара од Русија

276

Американскиот увоз од Русија се зголеми повеќе од двојно во октомври и покрај економските санкции на Вашингтон против Москва, соопшти американското биро за статистика.

Соединетите Држави увезле руска стока во октомври во вредност од 732 милиони долари, што е повеќе од 332,1 милиони долари во септември, се вели во извештајот.

Сепак, тоа е значително помалку во споредба со октомври 2021 година, кога САД увезоа стоки од Русија во вредност од 2,4 милијарди долари, пренесува РТ.

Минатата година, САД беа петти најголем трговски партнер на Русија во однос на вкупниот трговски промет.

По започнувањето на руската воена операција во Украина во февруари, Вашингтон воведе санкции кон Москва, забранувајќи увоз на некои руски стоки, пред сè руски енергетски производи, но и алкохолни пијалоци, морски плодови, неиндустриски дијаманти…

Увозот на САД од Русија беше во постојан пад до август 2022 година, по што го забележаа првото месечно зголемување.

Според статистичките податоци, најголема ставка во американскиот увоз на руски стоки во октомври биле вештачките ѓубрива, чија вредност дури ги надминала нивоата забележани пред украинската криза.

Други големи руски пратки вклучуваа железо, челик и обоени метали. Истовремено, американскиот извоз во Русија се намали на 80,1 милиони долари во октомври од 90,4 милиони долари во претходниот месец. За споредба, во октомври минатата година, САД извезоа стоки во Русија во вредност од 524 милиони долари.