Увозот на енергенси во ЕУ во вториот квартал од 2024 година е намален за 10,7 отсто

66

Вредноста на увозот на енергенси во Европската унија во вториот квартал од 2024 година падна за 10,7 отсто на годишна основа, на 94,9 милијарди евра, објави Евростат.

Обемот на увоз на енергенси падна и на годишно ниво во Европската унија, за 9,7 отсто.

Вредноста на увезениот природен гас во гасовита состојба во вториот квартал од 2024 година е намалена за 31,4 отсто во однос на истиот квартал од 2023 година, додека обемот е намален за 9,5 отсто на годишна основа. Сличен тренд е забележан и за течниот природен гас (ЛНГ), бидејќи вредноста на увозот во Европската унија на годишно ниво нагло се намали за дури 41,2 отсто, а обемот на увозот за 20,2 отсто.

Клучни снабдувачи со енергија на Европската унија во вториот квартал од оваа година беа Норвешка и Соединетите Американски Држави.

Најголем снабдувач на нафта и нафтени деривати во ЕУ беа Соединетите Американски Држави со учество од 15,1 отсто, Норвешка 14,1 отсто и Казахстан 11,7 отсто.

Во вториот квартал на 2024 година, Европската унија увезла најмногу гас во гасовита форма од Норвешка, 43,5 отсто, Алжир 21,6 отсто и Русија 15,5 отсто. Во истиот период, САД обезбедија речиси половина од увозот на течен природен гас во ЕУ, поточно 46 отсто. На второ место е Русија со удел од 16,8 отсто, додека Катар е на трето место со 11,9 отсто.