V – pump: Пумпа и ногарка за велосипед

111

v pump

Возењето велосипед е едноставен, брз и здрав спорт. Но, често пати луѓето кои го користат велосипедот како превозно средство се соочуваат со издишана гума, а при рака немаат пумпа. Хрватскиот иноватор Томислав Велтруски, стои зад изумот V – pump, што во исто време има две функции. Може да се користи како пумпа, но и како ногарка за потпирање на велосипедот, пишува Пословни дневник.

“Првиот чекор беше скицирање и изработка на основниот дигитален 3D модел. Вториот чекор, откако сите потребни услови беа задоволени, беше финалниот дизајн на производот што го заштитив во Државниот завод за интелектуална сопственост, по што почнаа преговорите за изработка на прототип“, вели Велтруски.

Пумпата, што има функција и на ногарка, се прилагодува на различни облици и големини на велосипеди и може да се монтира и на задниот дел кај тркалото. Пумпата е изработена од пресувани цевки од алуминиум со висока цврстина, во која се сместени две комори за компресија на воздух, за да може да одговара на сите видови на велосипеди, а се вади со притискање на два осигурувачи. Рачката и крајот на осовината на пумпата имаат силни магнети што спречуваат пумпата да се отвори при возење.

Компанијата Local Motors од Аризона покажала интерес за развој на производниот процес и дистрибуција на V – pump на американскиот пазар.