Ваучери за сервис на велосипеди додели Окта во рамки на кампањата Јас внимавам

42

vauceri-za-servis-na-velosipedi-dodeli-okta-vo-sklop-na-kampanjata-jas-vnimavam-1

Кампањата за подигнување на свеста за поголема безбедност во сообраќајот Јас внимавам, создадена од компанијата Окта во соработка со Министерството за внатрешни работи, ја најави новата тема кон којашто ќе бидат насочени активностите во наредниот период – возење велосипед на обележана велосипедска патека, стои во соопштението.

Љубиша Кондев, тренер по велосипедизам, е новиот промотор на кампањата кој ќе ја актуализира потребата од почитување на ова сообраќајно правило и ќе го пренесе своето искуство за уште многу други теми поврзани со побезбедна употреба на велосипедот во сообраќајот. Во рамки на кампањата беше спроведена контрола заедно со МВР за тоа дали граѓаните возат велосипед на обележаната патека. Велосипедистите кои го почитуваа правилото и се движеа соодветно по патеката, беа наградувани со вредносни ваучери за комплетен сервис на нивните велосипеди.

“Велосипедизмот без разлика дали се практикува професионално, спортски, рекреативно или пак како превозно средство, подлежи на законски правила, обврски и сообраќајна култура. Тоа значи дека постоењето на велосипедска патека мора да се користи и на тој начин не само што велосипедистот се заштитува себеси од возење по коловоз и можноста да стане колатерала во некоја незгода, туку е одговорен и ги заштитува и пешаците со тоа што не влегува во нивниот простор за движење. Треба сите да научиме дека сообраќајот е склоп на правила и прописи за безбедноста на сите, а оваа кампања токму тоа го прави, на интересен и интерактивен начин ги комуницира правилата и прописите за сите учесници и нè учи како да помогнеме за побезбедни сообраќајници. Токму затоа ја дадов својата поддршка и ја поздравувам оваа единствена иницијатива“, изјави Љубиша Кондев, тренер по велосипедизам.

Јас внимавам е национална кампања создадена од компанијата Окта со поддршка од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за зголемување на свеста кај граѓаните за поголема безбедност во сообраќајот. Преку разни активности и едукации, се апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и на тој начин да придонесат за побезбедни патишта. Во изминатите два месеци, колку што се одвива кампањата, со одредени активности беа опфатени најчестите прекршоци при активно учество во сообраќајот, возење под дејство на алкохол и некористење заштитен појас за возачот и сите патници во автомобилот, а како поддржувачи на целите на кампањата досега беа Жарко Димитриовски и Кристина Арнаудова.

Активностите на кампањата се насочени и кон едукација на најмладите учесници во сообраќајот преку донации од компанијата Окта на едукативни сообраќајни полигони во основните училишта каде децата ќе ги учат сообраќајните правила и прописи, како и изведување театарска претстава за сообраќајната култура и дистрибуција на едукативни боенки.