Важно е најдобрите работници да не “прегорат“

145
Филип Ачкоски, регионален директор на PharmaS и топ едукатор

Што претставува терминот менаџерски синдром, што е синдромот на прегорување, какво е нивното влијание врз здравјето на менаџерите, какви последици оставаат и што треба да се преземе да се стават под контрола, зборува Филип Ачкоски, регионален директор на PharmaS и топ едукатор.

Општо е мислењето дека бизнисмените се изложени на поголем стрес од останатите и почесто страдаат од таканаречениот “burn out“ синдром. Дали тоа навистина е така?

Низ бројни испитувања е потврдено дека психолошкото оптоварување кај деловните луѓе е речиси три пати поголемо отколку кај оние кои се занимаваат со физичка работа. Сепак, иако првобитно се сметало дека од т.н. менаџерски синдром страдаат луѓето на раководни позиции и оние под силен и континуиран психофизички притисок, како што се бизнисмени, хирурзи, авио-контролори, берзански брокери и други, денес терминот менаџерски синдром во себе го вклучува и т.н. burn-out синдром (синдромот на прегорување) и се однесува на сите оние кои не успеваат да се справат со секојдневните предизвици.

Зошто доаѓа до појава на таканаречениот менаџерски синдром?

Појавата на менаџерскиот синдром е поврзана со специфичниот животен стил на бизнисмените. Тие поминуваат долг временски период во канцелариската столица или во автомобилот. Од друга страна, поради продолженото работно време (10 часа на ден и повеќе) немаат време за дополнителна физичка активност. Честопати се преоптоварени со обврски кои се итни, вршат повеќе работи истовремено (мултитаскинг), водат бројни исцрпувачки состаноци и носат тешки одлуки за себе, за компанијата и за останатите вработени. Затоа не случајно доаѓа до ситуација на “прегревање на машината“.

Како да ги препознаеме првите знаци на менаџерскиот синдром?

Првите знаци се гледаат во нарушување на психичката состојба како резултат на континуираниот стрес: расеаност, раздразливост, напнатост, хиперактивност, анксиозност и несоница. Ако не ги препознаеме и не реагираме соодветно, последиците се: исцрпеност, чувство на неценетост, незаинтересираност за работата и домот, повлекување и депресија. Покрај психичките промени честопати доаѓа и до физички проблеми како резултат на седечкиот начин на живот и лошата и прекумерна исхрана: зголемена телесна тежина, зголемен холестерол и крвен притисок, срцебиење и аритмија, како и проблеми со ‘рбетот (искривување, дископатија, дискус хернија итн.). Не треба да заборавиме и дека стресот предизвикува пад на имунитетот и подложност на инфективни болести.

Како прегорувањето (burn out) влијае врз бизнисот?

Луѓето кои се прегорени, постојано се и напнати. Поради присутниот замор, раздразливост, главоболка и несоница, имаат потешкотии во концентрацијата, меморијата и учење на нови нешта. Заради сето ова кај нив е нарушена способноста за извршување на нормалните активности што секако негативно влијае на бизнисот. Најчести негативни ефекти се доцнење на состаноци, погрешни бизнис одлуки, немање трпение да се ислуша соговорникот, правење бројни “грешки во чекори“, заборавање на договорени термини и обврски итн.

Човечките ресурси се клучен елемент во секоја успешна организација. Како да ги сочуваме најдобрите поединци во тимот од прегорување?

Во време кога е тешко да се најде и задржи квалитетен работник, заштитата на најдобрите од прегорување станува особено важно. Токму затоа е клучно да се оформи урамнотежен тим кој може успешно да ги одработи потребните обврски, без тие да паднат на грбот само на одредени индивидуи. Менаџерите мора да креираат пријатна работна средина за своите вработени, да инвестираат во тим билдинг и обуки и секако, соодветно да ги наградат натпросечните работници.

Како менаџер, кој е истовремено фармацевт и здравствен едукатор што им препорачувате на менаџерите за да го намалат стресот и да го заштитат своето здравје?

Ако сакате успех во работата најважно е да го одржите своето физичко и духовно здравје. Токму затоа, мора да се поставите себе во центарот на вниманието и да создадете време за себе:

  • Направете листа со приоритети и делегирајте дел од прекумерните обврски.
  • Не оставајте незавршени работи, тоа е најкраткиот пат до мирен сон!
  • Најдете време за секојдневна физичка активност и сопствено хоби барем еднаш неделно! Тие се “убијци’’ на стресот.
  • Вие контролирајте го времето, а не тоа вас! Одберете термини за одговарање на пораки и мејлови и за водење телефонски разговори.
  • После тежок состанок, одвојте пет минути за себе, дишете длабоко и ослободете се од непријатните мисли.
  • Не ја носете работата дома! Искористете ги викендите за дружење со семејството и пријателите, посета на нови места или правете несекојдневни активности!
  • Хранете се здраво! Не заборавајте на утринското смути со овошје и зеленчук, како и хранлива овошна/зеленчукова салата за ужина!
  • Засилувајте го Вашиот имунитет во периоди на голем стрес со природни производи на база на пробиотици, бета глукани, цинк и витамин Ц.
  • Не претерувајте со кофеинот! Две кафиња на ден се сосем доволни и гледајте последното да го консумирате до 16 часот.
  • Сонот е основа на Вашата рехабилитација и благосостојба. Релаксирајте го вашиот мозок и тело пред спиење. Прочитајте дел од омилената книга, направете за себе топла купка, исклучете ги сите светла и секако Вашиот мобилен телефон!