Веб страница за полесен пристап до работничките права

27

race na lap top

Нова синдикална веб страница www.rabotnickiprava.mk е пуштена во употреба во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за пристојна работа –  седми октомври, јавува Миа.

Целта е да се овозможи полесен пристап до информации за работничките права. Има намена да ги едуцира и информира работниците, да бидат подобро запознаени со своите права, како брзо да реагираат и да се заштитат.

Веб страницата е заедничка активност на сите синдикални организации во Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, на сите нивни членови и за сите оние кои имаат потреба од заштита. Финансирана е од Европската Унија преку проектот Унапредување на социјалниот дијалог, а е реализирана од Меѓународната организација на трудот – МОТ. Со ова официјално започнува и медиумската кампања наменета за подобра заштита на правата на работниците и со цел обезбедување поголема нивна благосостојба.

Страницата е поделена во неколку категории со цел корисниците лесно и брзо да може да се снајдат. Дискриминација, мобинг, колективно договарање, право на одмор, плата – се само дел од темите што се поставени на насловната страница. За истакнување е делот за често поставувани прашања, каде работниците може да се информираат од туѓите искуства и да се охрабрат да ги постават своите прашања со цел да решат некакви проблеми.

Веб страницата www.rabotnickiprava.mk се промовира на Светскиот ден на пристојна работа, којшто традиционално секоја година се одбележува на седми октомври насекаде низ светот. Целта е работниците да добијат гаранција за своите права, сигурност, подобра плата и подобри услови за работа, што севкупно ќе придонесе подостоинствен работен век секому.