До крајот на годинава би требало да биде потпишан договор за стратешко партнерство меѓу рудникот Трепча на Косово и американскиот конзорциум НГП. Американската компанија е подготвена да преземе 49% од еден од најголемите рудници на тлото на поранешна Југославија, додека Србија би задржала 51%. Договорот ќе биде тежок неколку стотици милиони долари, а во план е да се отвораат нови рудници и да се зголеми обемот на производство, пишува Вечерње новости.
Освен тоа, се очекуваат и гринфилд инвестиции врзани за изградба на термоелектрана со моќност од 50 мегавати за потребите на Трепча. Како што најави за Новости министерот за рударство Милан Бачевиќ, со ваквото стратешко партнерство ќе се отворат нови работни места во рудникот кој денес работи со намален капацитет.
Според проценките од 2001 година, во Трепча лежат околу 29 милиони тони руда. Трепча е едно од најголемите наоѓалишта на олово – цинкова руда во Европа.