Велс: Секоја куќа електрана за себе

69

homes_as_power_stations

Фото: Specific

Во Велика Британија се спроведува експеримент којшто би требало да покаже дека паметниот дизајн може да влијае на енергетската ефикасност на цела населба. Во градот Нит во Велс 16 домови ќе бидат опремени со најсовремена технологија што им овозможува да генерираат и складираат доволно чиста енергија за 100% од нивните потреби за електрична енергија. Целата населба ќе биде поврзана да служи како една автономна единица за производство на чиста енергија, пишува Inhabitat.

Проектот наречен “Згради како електрани“ е соработка меѓу Центарот за иновации Specific и групата Pobl. Овој пилот проект треба да покаже дали е можно населбите што сами произведуваат енергија да ги заменат електраните. Зградите ќе имаат гарсониери, двособни и трособни станови и се проектирани да го максимизираат ефектот на сончевите панели на покривите, но и на колекторите што ќе ги користат сите станови за полнење на автомобили на електричен погон.

Различни технологии ќе ги направат домовите ултра – ефикасни. Фасадата на секоја зграда ќе биде завиткана во перфорирани метални панели што се загреваат кога има сонце. Топлиот воздух ќе биде искористен за греење на становите.

Ако проектот се покаже како успешен, следен чекор е изградба на 1.200 енергетски куќи во Свонси.