
Градските власти на Венеција размислуваат за проширување на системот за туристичка такса за влез во градот, така што тој ќе важи подолг период од годината, како и за зголемување на дневната такса на 30 евра (34 американски долари), изјави високиот градски службеник Микеле Зуин.
Зуин, кој е градски советник задолжен за буџет и даноци, рече дека сегашната такса од 5 до 10 евра е прениска за да се заштити градот од прекумерен туризам, но истакна дека новата цена за 2027 година ќе треба да се разговара и да се договори со владата.
„Сегашната такса е достапна за речиси сите, така што постои ризик таа повеќе да нема застрашувачки ефект како што треба да има оваа мерка“, изјави Зуин за локалниот весник Газетино.
Во изјавата што ја пренесоа бројни национални медиуми, советникот рече дека се зборува дури и за покачување на 50 евра, но додаде дека надлежните можат да одлучат за максимален надомест од 30 евра.
Туристичката такса, која важи само за посетителите кои доаѓаат во Венеција на еден ден, е воведена во 2024 година, како прва ваква мерка во светот.
Оние кои рано купуваат билети плаќаат пониска цена, а има и неколку исклучоци, вклучувајќи ги и децата под 14 години.
Во 2026 година, системот важеше во одредени денови во периодот од 3 април до 26 јули, од 08:30 до 16 часот и донесе повеќе од 5,2 милиони евра во градската каса од продажбата на нешто помалку од 680.000 билети, јави Танјуг.
Во град кој долго време се бори со прекумерен туризам и депопулација, локалните власти велат дека овој потег има за цел да ги охрабри посетителите да ги избегнуваат најпрометните периоди од годината, како што е празникот Први мај.











