
На крајот на јули, Стопанската комора на Србија го објави новиот бизнис водич за пазарот на Македонија, наменет за компании кои сакаат да започнат или прошират бизнис, извезуваат или инвестираат во нашата земја. Водичот ги потенцира растечките економски врски меѓу двете земји, трговската размена од над 1,3 милијарди евра, можностите за заеднички проекти во инфраструктурата, енергетиката, земјоделството, ИТ секторот, како и улогата на иницијативата Отворен Балкан во олеснување на соработката и поттикнување на инвестициската клима.
Вкупната трговија со стоки меѓу Србија и Македонија во 2024 година изнесуваше 1,39 милијарди евра, што претставува зголемување од 0,3 проценти во споредба со 2023 година, кога изнесуваше 1,38 милијарди евра. Извозот од Србија во Македонија достигна 947,3 милиони евра, што претставува намалување од 1,1 процент, додека увозот од Македонија се зголеми за 3,3 проценти, изнесувајќи 443 милиони евра. Суфицитот на Србија во надворешната трговија изнесуваше 504,3 милиони евра, според податоците на Републичкиот завод за статистика (РЗС).
Покрај фосилните горива, најголемо учество во извозот од Србија имаат електрични машини, опрема и нивни делови, делови за патни возила, пластика и производи, разни прехранбени производи, хартија и картон и производи од хартија и картон, алкохолни и безалкохолни пијалоци и други.
Србија е втор најважен трговски партнер на Македонија (по Германија), со учество од приближно 13 проценти од вкупната трговска размена на земјата.
Во 2024 година, вкупниот број на српски компании што имале надворешно-трговска размена со нашата земја бил 4.438. Од тој број, 3.076 компании само извезувале, 811 компании само увезувале, додека 551 компанија имале размена во двата правци. До почетокот на февруари 2025 година, во Србија се регистрирани 900 субјекти чии мнозински сопственици се правни и/или физички лица од Македонија.
Меѓу водечките инвеститори се Германија, Турција, САД, Грција, Словенија, Холандија и други земји. Иако не е меѓу водечките инвеститори, има и значајни инвестиции од Србија.
Најголемите потенцијали за соработка меѓу Србија и Македонија се во инфраструктурните проекти, енергетиката, земјоделството, индустријата, туризмот и ИТ секторот, изјави за Biznis.rs, Мијат Костиќ, истражувач во организацијата „Нов трет пат“.
„Модернизацијата на транспортната инфраструктура, како што е изградбата на автопатот Белград-Скопје и подобрувањето на железничката линија на коридорот 10, значително би ја подобриле транспортната поврзаност и логистиката. Во енергетиката, заедничкиот развој на ветерни фарми и сончеви електрани, како што е ветерната фарма „Богословец“ во Македонија и слични проекти во Србија, дава шанса за размена на знаење и привлекување инвестиции во областа на обновливите извори. Во земјоделството и прехранбената индустрија, постои простор за поврзување на производителите и преработувачите – на пример, комбинирање на македонското производство на пиперка со српските преработувачки капацитети, како и за заеднички извоз на трети пазари“, објаснува Костиќ.
Тој исто така верува дека индустриската соработка, особено во текстилната и автомобилската индустрија, може да се развие преку поврзување на синџирите на снабдување, додека туризмот нуди потенцијал преку заеднички културни и вински патишта што вклучуваат региони како што се Врање и Тиквеш.
„Посебен простор за напредок обезбедува ИТ секторот, каде што растечките стартап заедници во Белград и во Скопје можат да соработуваат на проекти во областа на вештачката интелигенција, дигиталните услуги и е-владата. Создавањето заеднички дигитални решенија, како што се регионалните платформи за е-трговија или дигитално здравје, може да придонесе за модернизација на целиот регион и зајакнување на неговата конкурентност. Ваквата мултисекторска соработка не само што носи економски придобивки, туку и ги зајакнува целокупната интеграција и политичките врски меѓу двете земји“, вели Костиќ.
Инвестирање во Македонија
Инвестирањето во Македонија овозможува пристап до пазар од над 650 милиони потрошувачи преку Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и договорот ЦЕФТА. Исто така, на инвеститорите им се достапни разни стимулации и олеснувања, вклучувајќи даночни олеснувања, субвенции за создавање нови работни места, како и можност за користење средства од разни меѓународни фондови. Дигитализацијата на државната администрација и поедноставените административни процедури придонесуваат за побрзо и поефикасно работење.
„Во 2024 година беше поставен историски резултат во привлекувањето странски директни инвестиции, кои достигнаа една милијарда и 255 милиони евра, што е најголем износ во историјата на Македонија. Овој прилив на инвестиции е доказ за довербата на меѓународните инвеститори во економијата и нејзиниот потенцијал“, се наведува во водичот на ПКС.
Која е улогата на Отворен Балкан?
Основната рамка за трговска соработка меѓу Србија и Македонија е договорот ЦЕФТА, како и билатералните договори што овозможуваат понатамошна либерализација на трговијата, што во голема мера произлезе од иницијативата Отворен Балкан. Оваа соработка се базира на слободна трговија, правила за увоз-извоз и поволности за производи со преференцијално потекло.
„Иницијативата „Отворен Балкан“ претставува важна платформа за продлабочување на соработката меѓу Србија и Македонија, и економски, политички и безбедносно. Преку укинување на царинските и административните бариери, олеснет проток на луѓе, стоки и услуги, како и меѓусебно признавање на дипломи, лиценци и професионални квалификации, оваа иницијатива придонесува за создавање единствен регионален пазар и поголема мобилност на работната сила. Ова ги охрабрува странските инвестиции, ја зголемува конкурентноста и го забрзува економскиот развој на двете земји“, смета Мијат Костиќ.
Покрај економските придобивки, „Отворен Балкан“ има и геополитичка димензија – преку промоција на регионалната соработка, стабилноста и градењето меѓусебна доверба, ја зајакнува отпорноста на земјите од регионот на надворешни предизвици, вклучувајќи ги безбедносните и миграциските кризи. Во овој контекст, додава нашиот соговорник, соработката во рамките на иницијативата може да придонесе за поефикасно управување со заедничките безбедносни предизвици, како што се организираниот криминал, нелегалната миграција и сајбер заканите.
Фото: Pixabay












