Македонската компанија за производство на јајца Везе Шари почна да ја снабдува американската армија во НАТО алијансата. Првата нарачка веќе е направена во ноември.
„Благодарение на компанијата Еколог, која е присутна во целиот свет и е една од компаниите снабдувачи на НАТО и ОН, ние почнавме да ја снабдуваме американскта војска во НАТО со наши производи секаде во светот. За нас ова има огромно значење, затоа што токму во годината кога одбележуваме 15 години постоење, се потврдува квалитетот на нашите производи“, вели Арбен Абдурахмани, сопственик на Везе Шари.
Абдурахмани се надева дека за кратко време, освен со јајца, НАТО ќе се снабдува и со сувомеснати производи од компанијата Лекер, што секако ќе зависи од потребата на Еколог.
„На новото партнерство гледаме како на можност пред светот да докажеме дека поседуваме производи и тим за светски битки и докажувања. Со нашите германски партнери, во изминативе години, внимателно работевме на секој чекор од нашето портфолио. Нашите планови се да продолжиме со производство на квалитетни производи и да ја прошириме соработката со НАТО и на други континенти“, вели Абдурахмани.
За неговата партнерка од Германија, Клаудија Семилер, оваа соработка е плод на макотрпна работа досега.
“Оваа соработка, пред сѐ, е плод на нашата досегашна макотрпна работа и заложби. Она што ни значи е дека се повеќе земји ширум светот го препознаваат нашиот квалитет, во конкретниов случај станува збор за соработка со базата на НАТО во Авганистан. Соработката, воедно, е и дел од мисијата на компанијата за продуктно ширење во нови географски реони каде што постои ваков потенцијал. Оваа година поставивме високи цели, согласно нашата бизнис стратегија за раст и развој. Во план се нови инвестиции”, објаснува Семилер.
Компанијата Везе Шари почна со одгледување пилиња и фарма на несилки за производство на јајца во 2000 година. Пет години подоцна, продолжи со инвестиција за производство на сувомеснати производи, кои од 2007 година почнаа да се продаваат под брендот Лекер. Во 2013 година, ја изгради и правата електроцентрала за биогас во Македонија – Електрошари.