Ви здодеа ли сообраќајниот метеж?

23

Фото: Pixabay

Една од темите на која сигурно постојано разговарате со вашите пријатели, освен времето :), е сообраќајниот метеж низ градот… Скопје во изминатите неколку години стана град во чие централно подрачје нема “шпиц“, туку  во било кое време од денот може да “заглавите“ во гужва. Доколку работата или приватниот живот ви се поврзани со движење во автомобил, а сте изморени од метежот низ улиците… подолу неколку совети како без главоболки да стигнете на работа, дома, до посакуваната дестинација на време.

Потрудете се да не доцните и ако имате можност излезете барем пет минути порано од вообичаено. Подготовките за излегување, особено наутро, може да потраат подолго од очекуваното, а за тоа има безброј фактори (не знаете што да облечете, имате деца кои ги подготвувате за градинка или училиште, сте се успале, ви претекло кафето…). Затоа, бидете практични и дел од работите подгответе ги претходната вечер за да не мора да “излетате“ низ врата и да задоцните. Понекогаш дури и пет минути порано ако излезете, може да ја избегнете гужвата и да пристигнете на посакуваното место без да се нервирате и долго да чекате во колоната со возила.

Иако до работното место, вообичаено одиме по ист пат, не е лошо некогаш да пробате да поминете по друг пат. Можеби таа алтернатива ќе ви биде поисплатлива, бидејќи е помалку фреквентна таа улица, нема семафори или помалку возила се движат во тој дел од градот.

Нема ништо да се случи ако наместо во 16:00, го напуштите вашето работно место пет или десет минути порано или подоцна. Бидете ажурни, завршете ги навреме своите работни задачи, па и да излезете порано, колегите нема да ви замерат. Можеби пет минути по вас, ќе се создаде голема колона, што ќе ви одземе многу од времето за да стигнете до дома.

Ако ви е здодеано да седите во автомобилот и да чекате половина час да стигнете од точка А до точка Б, тогаш размислете за алтернативен превоз. Не мора пред да излезете од дома, веднаш да ги земете клучевите од автомобилот. Размислете дали може до посакуваното место да стигнете пеш, со велосипед, електричен тротинет, градски превоз. Со тоа станувате посвесни за загадениот воздух, внимавате на вашата физичка кондиција, не размислувате за метежот и уживате додека ја разгледувате околината, а зад себе ги оставате долгите колони со нервозни возачи.