Видео: Како ќе изгледа системот за брз автобуски превоз

371

Што претставува БРТ (Bus rapid transit) системот на јавен превоз и зошто Градот Скопје го одбра токму овој модел на јавен транспорт како најдобро, најбрзо, најбезбедно и најисплатливо решение за Скопје беа главните прашања на кои одговори денешната презентација на системот за брз автобуски превоз во Скопје.

На презентацијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, помошник директорот на ЕБОР, Ијан Џенингс, сообраќајниот експерт од областа на јавен градски превоз, Никола Крстаноски, сообраќајниот експерт за БРТ, Градимир Стефановиќ, генералниот менаџер на израелската компанија РОМ Транспортејшн, Моше Хирш, потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија, Љупчо Николовски, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалници и претставници од невладиниот сектор.

“Целта на денешната презентација е да се обидеме да креираме јасна претстава за јавноста, пред се за граѓаните како главни актери во урбаната мобилност, за тоа што претставува БРТ системот и зошто го одбравме токму овој модел на јавен транспорт како најдобро решение за Скопје. Граѓаните имаат право да ги знаат сите информации за тоа на кој начин се развива градот во кој живеат и колку ќе се подобри квалитетот на живот со воведување на БРТ во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Тој нагласи дека е горд што Градот Скопје почнува нова историја во јавниот транспорт кој ќе гарантира позитивно влијание во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Според помошник директорот на Европската банка за обнова и развој од Лондон, Ијан Џенингс, ЕБОР секоја година вложува 250 милиони евра во развој на градски транспортни системи.

“ЕБОР и Град Скопје веќе соработуваа при набавката на 33 нови МАН автобуси на гас, изработката на акцискиот план за зелен град, како и на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз. Сега се радувам на соработката при воведувањето на БРТ во Скопје кој е еколошки проект, пристапен за сите граѓани. Ваков проект кој ќе го трансформира превозот во Скопје бара голема посветеност и соработка“, рече Џенингс.

“Меѓународниот тендер за изведба на првата БРТ линија во Скопје од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе биде распишан во текот на август годинава“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

За потсетување, со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата.

Фото: Printscreen YouTube