
Новиот главен град на Египет, кој сè уште не го добил името, почна да се гради пред осум години, а вредноста на работите кои започнале во 2015 година се проценува на 50 милијарди долари.
Деновиве се објавени нови снимки од големо градилиште источно од Каиро.
Новиот главен град, кој се наоѓа на 60 километри југоисточно од Каиро, се гради за шест милиони жители, а дизајниран е да го намали сообраќајниот метеж и да ги реши другите инфраструктурни проблеми на пренаселениот Каиро, објави Јутарњи лист.
Со проектот раководи египетското Министерство за одбрана, а планот е да се консолидира и премести владиниот штаб во поконтролирано опкружување.
Планирано е да се постават 6.000 камери. Се градат нов парламент, министерства и други владини згради, како и амбасади.
Во новиот главен град веќе се наоѓа највисоката зграда во Африка (Iconic Tower висока речиси 400 метри), огромна претседателска палата, десетици згради на министерства, училиште, болница, џамија…
Завршувањето на работите е на повидок, а египетската влада е длабоко во долгови. Некои луѓе почнаа да се вселуваат, иако многу жители на Каиро велат дека навистина не можат да си дозволат да живеат во новиот град.
Новиот административен главен град се очекува да биде поврзан со Каиро со линија на метрото.











