Видови ризици во осигурувањето

894

На прв поглед, поимот ризик претставува едноставна категорија. Кога некој ќе изјави дека постои ризик во одредена ситуација, слушателот сфаќа што значи тоа: дека во одредена ситуација постои несигурност за крајниот резултат и дека постои можност тој да биде неповолен.

Економистите, статистичарите, теоретичарите за носење одлуки и теоретичарите во осигурувањето долго време дискутирале околу концептот на ризик и несигурноста во обидот да се направи дефиниција за ризикот којашто ќе биде корисна во сите области на истражување. Заеднички елементи во сите дефиниции на ризикот се: неодреденост и загуба.

Ризиците може да се класифицираат на повеќе начини, меѓутоа постојат одредени разлики што се од особена важност за нашите цели. Тие ги вклучуваат следниве:

Финансиски и нефинансиски ризици

Во најширока смисла на зборот, поимот ризик ги вклучува сите состојби каде што има изложеност на незгода. Во некои случаи несреќата вклучува финансиска штета, додека во други не. Постојат елементи на ризик во секој аспект од човечкото вложување и многу од овие ризици немаат финансиски последици (или само инцидентно).

Статички и динамички ризици

Втората важна разлика е онаа меѓу статичките и динамичките ризици. Статичките ризици ги вклучуваат оние штети што би настанале дури и да нема промени во економијата. И покрај тоа што можеме да ги држиме константни вкусовите на потрошувачите, производството, приходот и нивото на технологијата, сепак некои индивидуи претрпуваат финансиски штети.

Овие штети се јавуваат од други причини, а не како последица на промени во економијата, како, на пример, од природните опасности и нечесноста на други лица. За разлика од динамичките ризици, статичките не се еден вид извор на добивка за општеството. Тие вклучуваат или уништување на имотите или промена на сопственоста како резултат на нечесност или човекова слабост. Статичките ризици настануваат со одреден степен на регуларност со текот на времето и како резултат на тоа обично се предвидливи. Бидејќи се предвидливи, статичките ризици повеќе се предмет на осигурување отколку динамичките.

Динамички ризици се оние што се резултат на промени во економијата. Промените во цените, вкусот на потрошувачите, приходот, производството и технологијата може да предизвикаат финансиски штети на економските субјекти. Овие динамички ризици обично се од корист за општеството на подолг рок, бидејќи тие се резултат на приспособувања на погрешната алокација на ресурсите. Иако овие динамични ризици може да влијаат врз голем број индивидуи, тие се сметаат за понепредвидливи од статичките ризици, бидејќи не настануваат со некој точен степен или регуларност.

Фундаментални и посебни ризици

Разликата меѓу фундаменталните и посебните ризици се базира врз разликата во потеклото и последиците од штетите. Фундаменталните ризици вклучуваат штети од неперсонално потекло и последици. Тие се групни ризици, кои најчесто настануваат од економски, општествени и политички феномени, иако може да бидат и резултат од физички случувања. Тие имаат влијание врз огромни сегменти или дури врз целата популација.

Посебните ризици вклучуваат штети што потекнуваат од индивидуални настани и повеќе се чувствуваат кај индивидуални лица, отколку кај цела група. Можат да бидат статички и динамички. Невработеност, војна, инфлација, земјотреси и поплави се фундаментални ризици. Пожар на куќа или грабеж на банка се посебни ризици.

Бидејќи фундаменталните ризици настануваат од состојби што се, помалку или повеќе, надвор од контролата на индивидуите што претрпуваат штети и бидејќи не се грешка на никој посебно, се смета дека општеството има повеќе одговорност да се справи со нив отколку поединецот. Иако со некои од фундаменталните ризици се занимава приватното осигурување, тоа е несоодветен инструмент за осигурување на повеќето фундаментални ризици.

Обично се употребува некој вид социјално осигурување или друга владина програма за трансфер за справување со фундаменталните ризици. Невработеноста и несреќите при работа се фундаментални ризици кои ги покрива социјалното осигурување. Штетата од поплава или земјотрес ја квалификува областа каде што настанала катастрофата да добие буџетски средства. Посебните ризици се сметаат за индивидуална одговорност и не се предмет на дејства од страна на општеството како целина. Со нив поединецот се справува преку осигурување, спречување на загубата или некоја друга техника.

Чисти и шпекулативни ризици

Едно од најзначајните разграничувања е она меѓу чистиот и шпекулативниот ризик. Шпекулативниот ризик се однесува на ситуација каде што постои можност за загуба, но исто така и за добивка. Коцкањето е добар пример за шпекулативен ризик. Кај коцкањето ризикот намерно се создава во надеж за добивка. Оној што се обложува на 10 евра за резултатот од саботниот натпревар се соочува со можност за загуба, но тоа е проследено и со можност за добивка. Претприемачот се соочува со шпекулативен ризик во потрагата по профит. Инвестицијата може да се изгуби ако производот не се прифати на пазарот по цена доволна да ги покрие трошоците, но овој ризик се сноси во замена за можноста за профит.

Поимот чист ризик, од друга страна, се употребува за опишување на оние состојби каде што постои само шанса да настане или да не настане штета. Еден од најдобрите примери за чист ризик е можноста за штета поврзана со сопственоста на некој имот. Лицето што купува возило, на пример, веднаш се соочува со можноста дека нешто може да се случи и да го оштети или уништи возилото. Можните исходи се или загуба или нема загуба.