Викендов ќе “никне“ елка од пластични шишиња во Скопје

36

Чувајте ги вашите празни пластични шишиња и донирајте ги за елката, којашто ќе биде откупена од Пакомак, а средствата донирани во хуманитарни цели.

Традиционално пред Нова година, твитерџиите повторно се организираат за правење на елка од пластични шишиња. Целта на настанот е да се подигне свеста за рециклирање и намалување на отпадот.

Настанот оваа година ќе се случува викендот на 22 и 23 декември. Во сабота, на 22 декември, помеѓу 11 и 14 часот ќе се собираат пластични шишиња на пет пункта во Скопје – Порта Влае (пред Баду Бар), Лептокарија (на коцката пред Ревија), пред Универзална, во Т.Ц. Бисер и во Котур (парк Форум, зад Рекорд).

Правењето на елката е закажано за 23 декември, недела, со почеток во девет часот, во паркот Форум, зад поранешен Рекорд.

Елката, заедно со неискористените пластични шишиња, по завршувањето на настанот ќе биде откупена од страна на Пакомак, традиционалниот поддржувач на оваа акција, а парите ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

На акцијата ѝ се приклучија и учениците од Гимназијата НОВА, а твитерџиите ги повикуваат сите заинтересирани лица, компании и институции да го сторат истото.

Исто така, тие апелираат да се чуваат празните пластични шишиња периодов, посебно оние од славите, и истите да се донираат на пунктовите. Секој кој сака да учествува во “китењето” на елката е добредојден, а повеќе информации околу настанот можете да најдете на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.

Настанот е од отворен тип и сите кои сакаат да се вклучат се добредојдени.