Четиридневно уживање во специјално селектирани вина на домашните винарници и внимателно избрани деликатеси, дополнети со квалитетна музика на најпознатите изведувачи од Македонија, ги очекуваат посетителите на годинешната манифестација Вино фест 2018.
Манифестацијата, која традиционално ја организира компанијата Веропулос, и годинава ќе се одржи на отворениот паркинг на Веро центар во Скопје. Почетокот на Вино фест 2018 е закажан за 12 септември (среда), а уживањето во добро вино, храна и музика ќе трае до 15 септември (сабота). Првиот ден од настанот ќе го отворат групите Љубојна и Фолтин, кои со своите уникатни настапи го привлекуваат вниманието не само на домашната, туку и на светската публика. Во следните два дена посетителите ќе уживаат во волшебните звуци на музиката на Јаков Дренковски и на легендарниот Игор Џамбазов, како и на Тони Китановски и Черкези оркестар и на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Манифестацијата ќе се затвори со настапите на групата Куку леле и на фолк-ѕвездата Миле Кузмановски. Во текот на сите четири дена, атмосферата пред настапите на музичарите и бендовите ќе ја загреваат диџејските сетови на Чваре, Флудер, Дарко Марковски и Маци.
Најновото издание на Вино фест ќе овозможи уживање во врвни домашни вина, но ќе понуди и концепт на гастрономско бистро со деликатеси од реномирани домашни и странски производители. Посетителите ќе може да ги дегустираат најпознатите вина на винарниците Тиквеш, Бовин, Стоби, Еземит, Далвина, Пивка и Гама и пијалоците на Пивара Скопје по промотивни цени, додека гурманското задоволство ќе го овозможат деликатесите на производителите Чеза, Единство Челопек, Златиборац, Линдт и Еуромес.
“Вино фест е традиционална манифестација чија примарна цел е да ги промовира домашните вина и храна, со што на локалните производители ќе им даде дополнителен стимул за натамошен развој на нивните бизниси. Во исто време, на посетителите им нуди уживање во врвни вина и деликатеси, зачинето со одлична музика на најреномираните домашни изведувачи. Бројот на посетители на Вино фест секоја година е сѐ поголем, а за нас тоа е најдобар показател дека успеваме да направиме совршена комбинација на врвно вино, најквалитетна храна и прекрасна музика. А тоа е основната цел на Веро – на своите потрошувачи секогаш да им го понуди најдоброто – вели Љубица Короскоска, маркетинг директор во компанијата Веропулос.
Музичката програма на Вино фест 2018 секој ден ќе почнува од 19 часот. Во среда и во четврток ќе трае до полноќ, додека во петок и во сабота ќе завршува во 1 часот наутро.