Винаријата Бодрен на Борис Дреншки од Хрватска произведува вино од замрзнато грозје, чија цена може да достигне и до 90 евра за шише од 250 милилитри на светските пазари, пишува порталот Загорје интернационал.
“Со 8.000 садници винова лоза очекувам нешто повеќе од 1.000 литри вино. Од нив околу 600 до 700 литри од замрзнатата берба и 400-тина литри од грозје од пониска категорија. Бидејќи замрзнатата берба се флашира во шишиња од 250 милилитри, очекувам повеќе од 4.000 шишиња“, вели Дреншки, кој ова вино го продава по цена од 40 до 50 евра, но на кинескиот пазар достигнува цена и до 90 евра по шише.
Бербата на ова грозје започнува кога живата на термометарот ќе падне и до -9 степени под нулата.
“Успеавме да ја дочекаме оптималната температура за берење. Пред да се раздени, замрзнатото грозје мора да се стави во преса“, вели Дреншки.
Откако замрзнатото грозје ќе помине низ посебна преса, потребни се неколку дена да се сталожи. Потоа, како што објаснува Дреншки, потребно е виното да помине два до три дена на аклиматизација во подрум на температура од 15 до 18 степени, а потоа во него се додава квасец, по што следи процесот на ферментација од три до шест месеци.
Откако ќе бидат завршени сите фази во процесот, ова вино на пазарот ќе се појави за околу една година.
Виното од замрзнато грозје се извезува во Кина, Данска, Белгија, Велика Британија, а наскоро и во Индонезија.