Вип: Интензивната конкуренција и ниските цени го намалија профитот

15

vip

Телеком Австрија Групацијата ги објави финансиските резултати за 2014 година вклучувајќи ги и резултатите на своите компании во Македонија.

Интензивната конкуренција и ниските цени резултираа со намалување на профитот на Вип и намалување на корисничката база до 622.000 корисници. Пазарниот удел на Вип забележа благ пораст и изнесува 28% што е резултат на намалувањето на бројот на вкупниот број на активни корисници на мобилни комуникациски услуги во Република Македонија. Со аквизицијата на Близу, во Македонија бројот на фиксни пристапни линии изнесува 62.000 на крајот на 2014 година.

И покрај аквизицијата на Близу, приходите во Македонија, вклучувајќи го и придонесот на Близу, се намалени за 5% во споредба со минатата година и изнесуваат 62 милиони евра. Падот на приходите е главно заради намалувањето на цените и намалувањето на големопродажните цени за терминација на повик од страна на АЕК во ноември 2013 година и септември 2014 година. Профитот е исто така намален за 15% во споредба со минатата година, како резултат на силниот притисок врз малопродажните цени и трошоците за субвенции во паметни телефони за корисниците.

“Неопходните намалувања на оперативните трошоци, со цел да се одржи долгорочната финансиска флексибилност за идни инвестиции, неможеа да го компензираат надолниот тренд на пазарот и доведоа до преполовување на оперативната добивка“, изјави Питер Цидек, главен финансиски директор на Вип и член на Надзорниот одбор на Близу.

“Резултатите во 2014 година покажуваат дека трендот на намалена профитабилност целосно е отсликана и во намалување на капиталните инвестиции. Доколку ништо не се промени на пазарот, постои реална опасност операторите да бидат принудени да го редефинираат својот инвестициски план во надолна насока и со тоа како држава да почнеме да назадуваме во обезбедување на најсовремени технологии и услуги за македонските граѓани. Со цел да се обезбедат доволно ликвидни средства за понатамошни инвестиции, веруваме дека најавените структурни прегрупирања на пазарот на електронски комуникации, може да донесат долгорочни придобивки за корисниците и да ги поттикнат инвестициите во мрежи од следната генерација“, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Вип и претседател на Надзорниот одбор на Близу.

Купувањето на Близу Македонија, затворено како трансакција на 30 јули 2014 година, претставува значаен чекор во спроведувањето на стратегијата за конвергенција на Телеком Австрија Групацијата, со што се овозможува Вип во иднина да понуди пакетирани фиксни и мобилни услуги. Исто така, Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словеније Груп се договорија да ги спојат нивните подружници Вип оператор и Оне во октомври 2014 година. Телеком Австрија Групацијата ќе има 55% удел и целосна контрола во новосоздадениот ентитет, а Телеком Словеније Груп ќе има удел од 45%. Договорот вклучува опција за излегување на Телеком Словеније Груп во рок од три години од датумот на затворање на трансакцијата. Трансакцијата е предмет на одобрување од страна на Комисијата за заштита на конкуренција на РМ, што се очекува во првиот квартал од 2015 година.

Во 2014 година Вип инвестираше во својата 4G LTE мрежа со најголема покриеност во Македонија, обезбедувајќи ја најновата мобилна технологија достапна за повеќе од 40% од населението.