Висок степен на хармонизација на домашната металургија со европските стандарди

19

Примената на стандардите во голема мерка придонесува за унапредување на производството на квалитетни и конкурентни производи и за успешен пласман на меѓународниот пазар, беше истакнато на редовната прес конференција во Стопанската комора на Македонија на тема Стандардите во функција на унапредување на металуршкото производство.

“Хармонизација на националната со европската стандардизација и имплементација на усвоените европски стандарди во областа на металургија во Република Македонија е тема на презентацијата која на осми април ќе се одржи во Стопанската комора на Македонија, во организација на Здружението на металургија и Институтот за стандардизација на РМ. Презентацијата има за цел пред бизнис секторот од оваа индустриска гранка да ги претстави усвоените стандарди, а преку презентации од компаниите членки на Здружението да овозможи размена на мислења и искуства од примена на конкретни стандарди од областа на металургијата“, истакна проф д-р Свето Цветковски, претседател на Здружението на металурзи на Македонија.

Тоа придонесува за: подобрување на производите или услугите; зголемување на конкурентноста; зголемување на довербата; намалување на веројатноста за грешки; зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците; компатибилност на производите; олеснување на извозот на стоки; намалување на негативните влијанија врз животната средина и сообразност со регулативите.

Значително за овој индустриски сектор е дека степенот на хармонизацијата со европските стандарди изнесува над 80%.

Производството на основни метали, 2014 година ја заврши со благ пораст на физичкиот обем на индустриско производство од 1,4% во однос на 2013 година. Позабележителен пораст во истиот период се оствари кај вадење метал од руди  во висина од 11,6%.

Стопанствениците очекуваат дека оваа година нема да има поголеми поместувања кај производството на основни метали од причина што истите се одраз на општата состојба на пазарот на основни метали, посебно кај челичната индустрија, додека  инвестиционата активност во Европа сè уште не е доволно заживеана.

Во рамките на коморското здружение се работи на студија, која има за цел да ги прикаже состојбите во металургијата во Репубилка Македонија во годините кога имаше максимални остварувања и во периодот на кризните години. Од студијата, која има за цел да ги прикаже и мулитипликативните ефекти што ги има металургијата врз вкупното стопанство, ќе произлезат и предлози за потребни мерките кои се неопходни за оваа индустрија, од аспект на нејзиното место во вкупната национална економија и извозот.