Вистински принципи и стремежот кон квалитет не донесоа до целта

155
int
Димитар Балабанов, сопственик и директор на Moda Calzini

Водејќи се според вистински принципи и цели, кои вклучуваат стремеж кон што поквалитетни производи со модерен дизајн и разновидна понуда, ние полека но сигурно успеавме во својата цел – создадовме едно успешно македонско производство.

БИ: Како започна целата приказна со Moda Calzini? Чија беше идејата за започнување на еден ваков бизнис?

Приказната на Moda Calzini започнува во 1992 година, кога со брат ми Томас решивме да започнеме со свое производство на чорапи. Ваквата идеја всушност потекнува од желбата нашата дотогашна работа (трговија со чорапи) да ја одведеме на едно пивисоко ниво.

Од тогаш па наваму, водејќи се според вистински принципи и цели, кои вклучуваат стремеж кон што поквалитетни производи со модерен дизајн и разновидна понуда, ние полека но сигурно успеавме во својата цел – создадовме едно успешно македонско производство.

28157_404514721120_5870507_n

БИ: Колку вработени моментално има во Moda Calzini и каква е вашата стратегија на работење?

Денес Moda Calzini е место кое од економски аспект влијае позитивно на нашето стопанство. Компанијата е прибежиште за многу вработени лица, кои таму наоѓаат пријатна пријателска околина и услови за работа. Бројот на вработени е над 40 лица, а што е уште поважно, оваа фирма е регистрирана како заштитно друштво, односно 40% (16 од овие вработени се лица со посебни потреби).

Фирмата работи по годишен план, разработен по тримесечија, притоа водејќи сметка за изработка на оние производи кои се бараат на пазарот. За да може сето тоа да се изведе, се следи самата потрошувачка на приизводите и се забележува соодветната побарувачка на одредени артикли.

Уште една причина за успех е тоа што проблемите во фирмата се решаваат тимски, со управителите и соодветни вработени во зависност од видот на проблемот. Од нашето долгогодишно работно искуство, ваквиот начин на пристапување кон проблемите се покажа како најефикасен.

БИ: Какви се производи нудите? Дали се водите од побарувањата на пазарот или имате поинаков план кога станува збор што следно да се произведе?

20251_236078311120_6131922_nНа почеткот Moda Calzini поседуваше само пет машини, а денес таа бројка е зголемена на 65. Во фабриката која се наоѓа во Охрид досега се произведени над 8.000 различни модели на чорапи, а таа бројка се повеќе расте. Причина за тоа е желбата да се задоволат потребите на сите потрошувачи, притоа да се следат и модните трендови и сето тоа да биде поткрепено со добар квалитет и прифатливи цени.

Во своето производство Moda Сalzini вклучува различни производи и тоа: калци, сокни, доколенки, надколенки, хулахопки, спортски чорапи. Тука спаѓаат чорапи за скијање, за атлетичари, фудбалери, аеробик, потоа греачи и стегачи, чорапи без стопало и прсти, медицински чорапи, термо, полу-термо. Нудиме и чорапи без ластик за срцево-болни лица и појачани чорапи со ластик за оние кои имаат проблем со проширени вени (за мажи, жени и деца).

БИ: Зошто Moda Calzini е посебна, по што се разликува од другите?

Нашето долгогодишно искуство ни овозможува пласирање на производи со препознатлив квалитет, изработени од високо квалитетни материјали, како памук, полијамид, ликра, еластан и ластик. Користените суровини се сертифицирани со знак за квалитет Confidence in Textile, spored OEKO – Tex Standard 100, тестирани за штетни супстанции, ISO 9001 стандард и други. Покрај ова нашите производи се заштитени со сопствен регистриран бренд – Moda Calzini.

Освен споменатиот асортиман на производи, Moda Calzini поседува и дизајнерско одделение, каде што се изработуваат модели според последните модни трендови. Ние сме единствена фирма во Македонија која изработува машки чорапи со апликации, забавни дизајни, штуцни и други спортски чорапи, како и производи со лого и дизајн по желба на нарачателот.

20251_236078326120_2375597_nБИ: Како оди процесот на изработка? Колку време е потребно да се направи еден готов производ и колку дневно (неделно, месечно) артикли произведувате?

Времето на производство трае од еден ден до една недела, според тоа кој производ ќе се земе за приоритет. Дневното производство e од 8.000 до 9.000 пара во просек, неделно од 56.000-76.000, а месечно од 220.000-250.000 пара. Оваа количина може да биде поголема доколку се произведуваат претежно кратки чорапи и калци. Сето ова се изработува на комплетно компјутеризирани машини, кои се наоѓаат во погонот во Охрид. Притоа производите поминуваат низ неколку фази на производство и тоа: дизајнирање, машинско плетење, превртување и шиење, пеглање, етикетирање и пакување.

Планот за количните по одреденит артикли се прави неделно, како и изборот на машините, величините и друго. Вработените имаат дневни и неделни норми што треба да ги исполнат, а во зависнот од извршената работа, имаат и можност за добивање бонуси.

31006_403716821120_7831360_n

БИ: Со кого соработувате од домашните и странските компании и како се одвива продажбата?

Продажбата се одвива преку нашите сопствени малопродажни и големопродажни објекти во Македонија (Скопје, Охрид, Прилеп), како и во Шведска (Малме). Вршиме достава по нарачка во остантите градови во државата, а исто така работиме и по нарачка во странство, со дизајн или лого кое нарачателот ќе го избере и слично, како и за останати познати европски и светски брендови.
До сега сме извезувале во Словенија, Србија, Бугарија, Грција, Италија и Косово. Фирмата има добиено и многу тендери за производство на чорапи за војска и полиција, за Македонија и Косово и тоа за памучни и волнени чорапи/доколенки.

БИ: Како се справувате во однос на конкуренцијата?

Конкуренцијата на пазарот не е мала. Производството на чорапи е застапено во голема мера низ светот, како и на нашите балкански простори. Помислата за создавањето на Moda Calzini понекогаш знае да ни создаде главоболка, особено кога ќе се навратиме на сите оние пречки на кои наидовме низ времето. Но, еве денес сме среќни што можеме да кажеме дека целата оваа приказна заврши успешно.

Ваквиот успех подразбира и подготвеност за преземање ризици во вистинско време, подготвеност за успех и неуспех, прифаќање и неприфаќање од потрошувачите и ред други нешта кои се дел од процесот на креирање на една посветла иднина за секое претпријатие. Денес Moda Calzini поседува производство кое е најголемо од ваков тип во Македонија, како и на просториите на поранешните југословенски држави. Сепак, на почетокот јас и брат ми бевме само деца кои продаваа чорапи од вреќи што ги носевме на грбот, а денес сме горди на едно вакво претпријатие кое е во целост е наша креација.

20251_236077176120_4596146_nБИ: Што следно планира Moda Calzini, нови производи, локации…?

Успехот мора да се поткрепи со постојани иницијативи и инвестиции за остварување на нови цели. Затоа во предвид имаме и проширување на асортиманот, создавање на нови модели, зголемување на извозот. Веќе сме во преговори за извоз во Црна Гора и Израел, a во план е и изработка на специјални волнени чорапи (од чиста волна) за цела Европа.