Вивакс го заокружува производството во нов фабрички капацитет

27

viva

Компанијата Вивакс, македонскиот производител на природни овошни сокови, нектари и пијалаци под брендот Вива, уште еднаш ги поткрена производствените стандарди и постави нови репери за развојот на оваа индустрија, не само кај нас, туку и во регионални рамки. Со ова, Вивакс направи нов исчекор во својот развоен пат, со цел зацврстување на својот бренд Вива, како македонска семејна компанија и како домашен бренд кој континуирано инвестира во сопствените производствени капацитети и во квалитетот на производството, следејќи ги глобалните трендови во оваа индустриска гранка.

Современите објекти, лоцирани во скопската општина Гази Баба, се функционално поврзани, каде што е сместена линијата за асептичното (стерилно) производство на Вива природните овошни сокови, нектари и пијалаци и линија за полнење во PET амбалажа, како и останати производствени капацитети опремени со најмодерна технологија.

“Со имплементирање на најсовремени технологии, сакаме да ја искажеме нашата посветеност на нашиот потрошувач да му понудиме квалитетни и безбедни за консумирање производи. Од друга страна, пак, довербата што ја добиваме како одговор од потрошувачите, ни дава дополнителен стимул постојано да инвестираме во нови технологии, во современи машини, да развиваме нови производи, континуирано да вложуваме во производство, но и во вработените кои се вклучени во создавањето на сето тоа”, изјави Димитар Јосифовски, генерален директор на Вивакс. “Како семејна македонска компанија, која повеќе од 20 години успешно се одржува на врвот како изворно создаден врвен македонски бренд, со гордост можеме да кажеме дека ВИВА полека продира и на регионалните пазари, но и пошироко”, потенцира Јосифовски.

Во производствениот комплекс на Вивакс, инсталираните производни линии ги следи и комплетна современа и соодветна инфраструктура неопходна за функционирање на производствената опрема, ладилници и модерна лабораторија каде што се мониторира процесот. Фабриката располага со простории со микро-клима заради подготовка на суровините и репроматеријалите, простории за термостатирање на производи – термостатска соба, како и модерен магацински простор со регален систем и соодветен возен парк за дистрибуција на своите производи.