Вклучување на Македонија во развојните планови на Газпром

50

Претседателот на Газпром Алексеј Милер на вчерашната средба со македонскиот премиер Никола Груевски, истакнал дека рускиот енергетски гигант е заинтересиран за соработка со Македонија и таа е влезена во развојните планови на компанијата.

На средбата Груевски и Милер разговарале за натамошната реализација на проектот Јужен тек и конкретните чекори за негова операционализација.

Според информацијата на владината прес-служба, по ратификацијата на потпишаниот договор за вклучување на Република Македонија во Јужен тек ќе се премине кон формирање мешовито претпријатие помеѓу двете страни согласно договорот коешто ќе ги спроведе натамошните чекори во реализација на плановите и  проектот.

Според анализите и проекциите, со изградбата на инфраструктурата за природен гас значително ќе се зголеми потрошувачката на овој енергенс која сега е на пониско ниво, што ќе доведе до поголема потрошувачка на природниот гас и може да резултира со пониска цена на гасот, констатирано е на средбата.

Премиерот Груевски го информирал Милер дека во скоро време се очекува да се склучи договор со руската компанија Стројтрансгас, по што би се започнало со изградба на инфраструктурата за природен гас во внатрешноста на земјата и пристап до гас на многу компании и домаќинства во Република Македонија.