Вкупно 32 од 59 проекти претселектирани од четвртиот повик на ФИТР

81

 

fond-za-inovacii-i-tehnoloski-razvoj

Вкупно 32 од 59 проекти се претселектирани под инструментите кофинансирани грантови за новоосновани старт – ап и спин – оф компании и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот, којшто е составен од четири меѓународни експерти во областа на иновации и инвестиции, одлучи во наредна фаза на оценување да продолжат вкупно 16 проекти под инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф и 16 проекти под инструментот кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации.

Најголем дел од претселектираните предлог – проекти се во областа на информатички и комуникациски технологии, каде што спаѓаат скоро половина од поднесените проекти на четвртиот повик за финансирање објавен од Фондот. Воедно, застапени се и предлог проекти во областа на, маркетингот; прехранбената индустрија: производство; образование; трговија на големо; спорт, забава и рекреација; и управувачки дејности.

Во следните денови, претставници од Фондот ќе спроведат теренски посети кај дел од апликантите со цел средби со менаџментот, увид на терен и обезбедување на дополнителни информации за проектите, а последната седмица од месец јули претприемачите чии проекти се претселектирани ќе може истите да ги претстават пред Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот.

Најдоцна до 28 јули, ќе бидат избрани проекти коишто ќе добијат финансирање од Фондот и се очекува до септември да се потпишат и договорите и да се започне со имплементација на проектите.

Сите апликанти кои не биле претселектирани ќе добијат препораки за подобрување на нивните предлог проекти од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот и истите ќе имаат можност да поднесат повторно предлог проект на наредниот отворен повик на Фондот во последниот квартал од 2017 година.

За четвртиот повик за финансирање на 15 стартапи, како и за 10 проекти за комерцијализација на иновации на микро, мали и средни претпријатија се обезбедени 1.450.000 евра, со поддршка на Светска банка.