Владата ќе покрива половина од трошоците за отворање бизниси во руралните средини

88

Pestani_bregОние граѓани кои ќе сакаат да започнат бизнис во руралните средини на Македонија ќе добијат финансиска поддршка од Владата во висина од 50% од трошоците за започнување бизнис.

Ова се однесува на отворање бизнис од било каков тип, почнувајќи од најмалите, како автомеханичари, автоперални, фризерници и занаетчии, се до преработувачки капацитети и погони за производство на малите и средните претпријатија.

За оваа цел ќе бидат одвоени околу четири милиони евра.

“Досега оваа мерка за 50% поддршка важеше само за набавка на земјоделска механизација. Од оваа година Владата одлучи да ја прошири оваа мерка и со неа да ги опфати и услужните дејности и сектори. Значи, сега нема да има лимит на поддршката во однос на нејзиниот опфат и поврзаност со земјоделството, туку полето за отворање бизнис е нелимитирачко и може да ја опфати која било стопанска дејност со исклучок на медицината и фармацијата”, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

За оваа финансиска поддршка ќе може да конкурираат сите физички лица, трговци, поединци и мали и средни претпријатија во македонските села и градовите со население под 30.000 жители.

Во текот на следните два месеци ќе биде објавен јавниот повик за аплицирање за финансиската поддршка. Секој заинтересиран ќе може да достави бизнис-план до Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделството. По разгледување на бизнис-планот и негово прифаќање ќе биде склучен договор меѓу корисникот и Агенцијата и согласно договорот на лицето ќе му бидат исплатени парите во висина од 50% од вредноста на бизнисот.