Во 2027 железничката пруга Скопје-Софија, а до 2030 со воз до Драч

307

Поинтензивна соработка во изградбата на Коридорот 8 најавија раководителите на железничката инфраструктура од Северна Македонија, Бугарија и Албанија, кои вчера одржаа трилатерален состанок во Софија и потпишаа протокол за соработка.

До 2027 година ќе патуваме со воз помеѓу Софија и Скопје, а по 2030 година ќе можеме да одиме на море во Албанија, бидејќи транспортниот коридор 8 ќе биде изграден, изјави Красимир Папукчииски, генерален директор на државната бугарска компанија Железничка инфраструктура, јави БТА.

На прашање на БГНЕС што во пракса значи Договорот, бидејќи за Коридор 8 се говори повеќе години, но не е завршено многу, Папукчиски истакна дека во 2027 година треба да биде готова железничката пруга Софија-Скопје, а до 2030 година Бугарите ќе можат да одат на Јадранско Море со воз до Драч.

Во септември месец треба да се одржи средба во Албанија, а директорот Папукчиски истакна дека најголемиот проблем може да се јави поради неможноста да се гради околу Охридското езеро кое што се наоѓа под заштита на УНЕСКО. Директорот на бугарските железници истакна дека спорот помеѓу Софија и Скопје нема да влијае врз работата по изградбата на Коридорот 8.

Според директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура на  С. Македонија, Хари Локвенец, на состанокот на делегациите предводени од него и неговите колеги од Бугарија, Красимир Папукчиски и Ана Дурмиши од Албанија, утврдени се приоритетите и активностите поврзани со изградбата на железничкиот коридор 8.

Дискусијата резултираше со потпишување на Трилатерален протокол за соработка со цел поинтензивна посветеност и соработка меѓу трите управители на железничка инфраструктура, информира Локвенец.

Тој претходно изјави дека се создадени сите предуслови 2026 година да биде конечна рамка за завршување на проектот за изградба на пругата кон Бугарија. За тој проект е во тек втората фаза на тендерската постапка за избор на изведувач на првите две делници од Куманово до Бељаковце и Бељаковце до Крива Паланка, кој ќе ги продолжи активностите на терен, а за третата делница до границата со Бугарија е во тек подготовка на тендерската документација.

“Очекуваме дека во рамки на предвидувањата и најавите од страна на мојот бугарски колега Папукчиски каде бугарската страна би ја завршила својата делница од Софија до македонската граница до крајот на 2027, мислам дека ние со нашите планови за завршување на целата работа до крајот на 2026 година ќе ги исполниме сите предуслови и успешно ќе го завршиме не сакам да речам конечно, меѓутоа дефинитивно овој важен инфраструктурен проект“, рече Локвенец.

Во рамки на железничкиот Коридор 8 е и најавената изградба на пругата Кичево – Лин.