Во Абу Даби ќе се гради град што симулира живот на Марс

47

digitale-kunst-2058057_960_720

Фото: Pixabay

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе инвестираат 140 милиони долари во град што ќе симулира живот на Марс и ќе зафаќа површина од 176.000 метри квадратни, пишува Emirates News Agency.

Зданието ќе биде најголемата имитација на вселенски град во светот и ќе понуди реалистичен модел за живот на Марс.

Проектот вклучува лаборатории за храна, енергија и вода, за тестирање на земјоделие, а ќе спроведе и истражувања за безбедноста на храната во иднина. Истражувачкиот град ќе има и музеј каде ќе бидат прикажани најголемите вселенски достигнувања од човештвото и места за едукација со цел да се вклучат и млади луѓе во проектот.

Ѕидовите на музејот ќе бидат печатени во 3D техника, а за тоа ќе биде искористен песок од пустината во Емиратите. Проектот ќе вклучува и лаборатории со напредна технологија каде што ќе се симулира земјиштето на црвената планета и тешко пристапниот терен преку 3D печатена технологија, како и топлинска и зрачна изолација.

Зад дизајнот на овој голем проект ќе стои данското архитектонско студио BIG, а ќе бидат повикани најдобрите научници од целиот свет да го дадат својот придонес на ОАЕ во глобалната програма за подобрување на човечкиот живот.