Во август германскиот извоз е зголемен за 1,3 отсто

79

Германскиот извоз се зголеми и во август, втор месец по ред, со значително посилен раст на испораките во земјите надвор од Европската унија и еврозоната, покажаа прелиминарните пресметки на заводот за статистика Дестатис.

Извозот е зголемен за 1,3 отсто во однос на јули, на 131,9 милијарди евра, пресметале статистичарите врз основа на сезонски и календарски приспособени податоци. Во јули порасна за 1,7 отсто.

Увозот во август е намален за 3,4 отсто во однос на претходниот месец, на 109,4 милијарди евра. Во јули порасна за 5,4 отсто.

Во однос на ланскиот август, вредноста на извозот е речиси непроменета, а вредноста на увозот е намалена за 3,1 отсто.

Суфицитот во трговската размена на Германија со светот изнесуваше 22,5 милијарди евра во последниот летен месец и е за 34 отсто поголем во однос на јули, кога се спушти на најниско ниво од мај минатата година.

Испораките на германски стоки до другите членки на еврозоната се зголемија за 0,6 отсто во август, наспроти 50,6 милијарди евра. Извозот во трети земји е зголемен за 1,9 отсто, на 59,2 милијарди евра.

САД ја задржаа својата позиција како главна дестинација на германскиот извоз во август, пренесува Хина, со 5,5 отсто поголема вредност на испораките од јули, од 13,5 милијарди евра.

Извозот во Кина се зголемил на месечна основа, според сезонски и календарски приспособени податоци, за 1,9 отсто, на 7,4 милијарди евра. Истовремено, Кина беше главен германски снабдувач на стоки во август, и покрај падот на вредноста на увозот за 1,4 отсто, на 13,2 милијарди евра.

Германскиот извоз во Русија е намален во август за 9,5 отсто во однос на јули, на 600 милиони евра. Во однос на ланскиот август неговата вредност е помала за 11,8 отсто. Увозот на стоки од Русија е намален, во однос на јули, за 29,1 отсто, на 100 милиони евра. Во споредба со ланскиот август, тој е помал за 41,4 отсто, објави Дестатис.