Што е гудвил?

2423

Гудвил (goodwill) во буквален превод значи добар глас, но во светот на бизнисот има друго значење и употреба. Ја прикажува разликата меѓу платената и сметководствената вредност на компанијата.

На пример, голема компанија решава да преземе помала компанија. Малата компанија има сметководствена вредност на капиталот од 500 евра, но оди на продажба за 1.000 евра. Па така, разликата од 500 евра што големата компанија ја плаќа за да ја земе малата компанија во своја сопственост претставува гудвил. Од примерот може да се заклучи дека големата компанија ја преплатила малата компанија, но како оправдување оди фактот дека малата компанија ја “бие“ добар глас или има добро развиен бренд што е препознатлив, развиена технологија на работа, голем пазарен удел, know how или некоја друга нематеријална предност.

Гудвилот се книжи на страната на активата во билансот на состојба но само кај големите компании, односно кај компании што преземаат други компании. Но, важно е да се напомене дека не треба да се поистоветува со вредност на компанијата или брендот. На пример, ако еден бренд во моментот вреди еден милион евра, тој износ не може да се евидентира во билансот на состојба на компанијата.

За разлика од гудвилот, постои и таканаречен негативен гудвил или бедвил (bedwill), што претставува позитивна разлика меѓу вистинската вредност на компанијата во однос на цената по којашто е купена новата компанија. На пример, голема компанија презема помала компанија за 1.000 евра, но нејзината вистинска вредност е 1.500 евра. Тие 500 евра претставуваат своевиден негативен гудвил.

Фото: Freepik