
Кредитите за бизнисот пораснаа за 15,1%, а станбените кредити за граѓаните со скок од 16,2%
Во август 2026 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3) продолжи да се
зголемува. На месечна основа, растот изнесува 1,3% и главно произлегува од депозитните
пари (средства на трансакциски сметки) и краткорочните депозити. Во однос на истиот месец
од претходната година, растот изнесува 8,2%, што претставува понатамошно забавување на
годишната динамика, при што сите компоненти на паричната маса бележат раст.
Вкупните депозити, во текот на август, се зголемија за 1,6% на месечна основа, раст кој
потекнува од корпоративниот сектор. На годишна основа, нивото на депозитите е повисоко
за 9,0%, при што зголемување бележат и депозитите на домаќинствата и на корпоративниот
сектор.
Кредитната активност во август бележи раст од 0,7% на месечна и 13,6% на годишна
основа. Раст е забележан кај двата сектора, при поголем месечен придонес на домаќинствата
и поголем годишен придонес на корпоративниот сектор.
Депозити и кредити на корпоративниот сектор
• Вкупните депозити на корпоративниот сектор во банкарскиот систем бележат раст,
којшто на месечна и годишна основа изнесува 6,2% и 6,1%, соодветно. Месечната динамика
е одраз на повисоките депозитни пари, додека годишниот раст е комбиниран ефект од растот
на депозитните пари и долгорочно орочените депозити.
• Кредитите на претпријатијата и во август растат со умерена месечна динамика од 0,6%,
додека растот на годишна основа забрза на 15,1%. Зголемувањето на кредитирањето на
корпоративниот сектор во целост е резултат на кредитирањето во домашна валута.
Депозити и кредити на домаќинствата
• Во август, депозитите на населението се пониски за 0,4% на месечна основа, при
намалување на состојбата на депозитните пари. На годишна основа, вкупните депозити на
населението се зголемија за 10,2%, при раст на сите компоненти.
Орочените депозити на домаќинствата, коишто не ги вклучуваат средствата на
трансакциските сметки, бележат месечно и годишно зголемување од 0,6% и 5,8%,
соодветно, во поголем дел поради зголемените долгорочни орочени депозити.
• Кредитите на населението и понатаму растат, со месечна и годишна стапка на раст од
0,7% и 12,3% соодветно. Порастот на кредитирањето на населението, главно, се должи на
кредитите одобрени во денари. Во однос на наменета, зголемување бележат и
потрошувачките и станбените кредити (месечен раст од 0,5% и 0,6%, при годишно
зголемување од 12,2% и 16,2%, соодветно).











