Во август сепак ќе стигнат повисоки сметки за струја

45

Сè додека Собранието не ги донесе потребните законски измени за намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5%, домаќинствата ќе ги плаќаат сметките со постојната ставка на ДДВ од 18% која е сега на сила, потврди денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

“Сѐ додека Предлог законот не помине на Собрание и не се објави во Службен весник важи постојното законско решение, а тоа е дека сметките ќе доаѓаат со ДДВ од 18% што е сега на сила. Штом ќе помине законот во Собрание, од денот на неговото донесување ќе се пресметува 5% ДДВ за домаќинствата за потрошена електрична енергија“, прецизира Бесими.

Нагласи дека се разгледува можноста со пратенички амандман да се побара намаленото ДДВ да важи од први јули како што е првично определено во законското решение, пренесува МИА.

“Од формално правен аспект ќе се разгледува дали е возможно да се спроведе во пракса такво решение доколку има таква опција. Прашање е на време и на постоење на правна можност дали тоа може да се спроведе и да се реализира“, рече Бесими.