Во Брисел убиен директорот на ExxonMobil

46

Извршниот директор на нафтената компанија ExxonMobil во Велика Британија, Николас Мокфорд (60) е убиен во Брисел, објави The Independent.

Во Мокфорд е пукано три пати во моментот кога излегувал од италијански ресторан. Неговата сопруга Мери е претепана и оставена на улица прекриена со крв. Мокфорд починал на пат кон болница.

Мокфорд е убиен на 14 октомври, но белгиската полиција ставила ембарго на објавување на информацијата во интерес на истрагата.

Според полицискиот извештај, забележани се двајца мажи како бегаат од местото на настанот со мотоциклистички шлемови на главите. Претходно биле видени како разговараат со сопругата на Мокфорд и се обиделе да и ја земат чантата, барајќи пари. Една од теориите е дека се работело за грабеж.

Мотивот за убиството не е познат. Полицијата и обвинителството не даваат никакви информации, додека членовите на семејството сметаат дека се работи за нарачано убиство и дека е убиен од професионалец.

Од компанијата ExxonMobil велат дека нема никакви индикации дека убиството е поврзано со работата на нивниот вработен.

Мокфорд во ExxonMobile работеше од 70-те, беше на чело на одделот за маркетинг, а се занимаваше со промоција на еколошки горива.