Во Бугарија работат 2.500 грчки фирми, во Турција 2.000

54

gr kompanii bgВо Бугарија работат околу 2.500 грчки компании, додека во останатите земји на Балканот нивниот број е 5.000, пишува Катимерини.

Грчките компании ја бираат Бугарија поради нискиот данок од 10% и евтината работна рака. Активни се компании од многу сектори, главно банки, телекомуникации, ИТ, игри на среќа, од прехранбената индустрија, трговија на мало, метали, градежни материјали, енергија, текстилна индустрија и тутунска индустрија.

Платата заедно со придонесите за еден вработен во Бугарија не надминуваат 300 евра, наведува весникот. Мали се и трошоците на фирмите, затоа што за изнајмување канцеларии во големите градови, цените се движат од 200 до 400 евра.

Според податоците цитирани од весникот, во Турција свои бизниси водат над 2.000 грчки бизнисмени. Грчките инвестиции во оваа земја се над шест милијарди долари. Во последните пет години, Грција е меѓу првите пет странски инвеститори во Турција, покажуваат податоците на грчката амбасада во Анкара.

Во Албанија функционираат околу 400 грчки компании, а над 1.000 се поврзани директно или индиректно со грчки капитал. Грчките директни инвестиции во Албанија надминуваат 500 милиони евра и претставуваат 35% од сите странски инвестиции.

Во Македонија работат повеќе од 200 грчки компании. Само 30-те најголеми имаат инвестирано околу 800 милиони евра и обезбедуваат работа за повеќе од 2.000 луѓе.

И покрај финансиските тешкотии на Кипар, во последните години таму се преселија повеќе од 1.000 грчки компании.

Катимерини наведува дека економиите во земјите од Југоисточна Европа и воопшто во регионот на Балканот и Медитеранот се покажаа поотпорни на кризата во споредба со Грција.