Во целост исплатена Еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2014 година

36

Република Северна Македонија денеска во целост ја исплати Еврообврзницата издадена во 2014 година и со тоа се раздолжи за 500 милиони евра, што придонесе долгот, (државниот и јавниот) само по овој основ да се намали за 4,358 процентни поени, со што Министерството за финансии уште еднаш ја докажува својата цврста заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање во рамки на Мастришкиот критериум, односно ниво под 60%.

“Денеска успеавме да докажеме дека буџетот е ликвиден. Денеска извршивме исплата на 500 милиони евра за Еврообврзницата од 2014 година за која годишно плаќавме камата од 20 милиони евра, а со Еврообврзницата земена во март годинава каматата е осум милиони евра. Ова е исклучително важно за да создадеме јасна слика во каква кондиција е буџетот и како ги менаџираме сите програми што  се предвидени во време на криза“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на пленарната седница во Собранието каде се одвива расправа по предлог ребалансот на буџетот за 2021 година.

Еврообврзницата 3, на износ од 500 милиони евра  беше издадена во јули 2014 година со рок на доспевање од седум години и со каматна стапка од 3,975 проценти. Средствата за доспеаната еврообврзница се обезбедија преку новоиздадената (осма) Еврообврзница во март годинава со рочност од седум години и историски најниска каматна стапка од 1,625 проценти.

Каматната стапка по која беше издадена осмата Еврообврзница (2021) е за 2,35 процентни поени пониска од каматната стапка кај третата Еврообврзница од 2014. Интерес за запишување на осмата Еврообврзница покажаа 130 инвеститори.

Износот на осмата Еврообврзница од март 2021 изнесуваше 700 милиони евра, а средствата покрај за исплаќање на третата Еврообврзница се користат и за потребите за справување со ефектите од ковид-кризата, односно за поддршка на здравствениот сектор, како и за антикризните мерки за поддршка на граѓаните и стопанството.

Земјава досега има излезено на меѓународниот пазар на капитал со 8 еврообврзници и тоа: во 2005 година, во 2009, во 2014, во 2015, во 2016, во 2018, во 2020 година и 2021 година. Во целост се исплатени Еврообврзницата еден, два, три и четири. За отплата во 2023 година доспева Еврообврзницата 5, во 2025 година Еврообврзницата 6, во 2026 година Еврообврзницата 7 и во 2028 година Еврообврзницата 8.

МФ информира дека Буџетот е ликвиден. Има одлична реализација на приходите што беше еден од основите на ребалансот, а расходите се реализираат редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата.  Приходите од почетокот на годината  имаат раст од 15,6 отсто во однос на истиот период лани. Со ребалансот на Буџетот за 2021 година се предвидуваат за 4,7 отсто повисоки приходи во однос на иницијалните проекции на Буџетот.

Фото: Freepik