Во Хрватска лани донирана храна од скоро два милиони евра

53

Вкупната набавна вредност на донираната храна без данок на додадена вредност во 2019-та година изнесува 1,7 милиони евра (12.991.467 хрватски куни), што е значително повеќе во однос на 2018-та година, кога се пријавени околу 1,3 милиони евра (9,9 милиони куни), пишува Вечерњи лист.

Според податоците, вкупно 76 компании пријавиле донации.

“Порастот на донирање храна скоро за една третина во однос на претходната година е голема работа. Тоа значи дека социјалните продавници и народните кујни можат да ги наполнат полиците и да нахранат повеќе наши сограѓани кои имаат потреба од тоа. Откако се занимавам со проблемот на донирање и фрлање на храна, во Хрватска е направен голем исчекор и се надевам дека ова е почеток на позитивен тренд“, вели Билјана Борзан, европратеничка од Хрватска.

Според официјалните податоци, на глобално ниво се фрла една третина од произведената храна на годишно ниво (1,3 милијарди тони) во вредност од 2,6 илјади милијарди долари. ЕУ има удел од 88 милиони тони фрлена храна вредна 143 милијарди евра, а само во Хрватска се фрлаат околу 97 килограми по жител. Скоро 40.000 тони храна се фрлаат поради неразбирање на ознаката за рок на траење.

Иста количина на храна фрлаат и индустриски развиените и земјите во развој. Но, во развиените земји се фрла околу 40% од храната во фаза на продажба и консумирање, а во земјите во развој 40% во фаза на производство. Најмногу се фрлаат овошје и зеленчук, а потоа риба и месо. Вкупно 53% од фрлената храна се однесува на домаќинствата, 19% на преработувачките капацитети, 12% на угостителите, 10% на примарното производство како што е земјоделието и 5% на трговскиот сектор.

Фото: Pexels