Во мај 27% повеќе патници на македонските аеродроми

70

362F7366F86D2845961D9AB64287686EСпоред соопштението на ТАВ Македонија бројот на патници кои во мај ги користеле услугите на двата македонски аеродроми е зголемен за 27% споредено со истиот месец лани.

Имено преку скопскиот аеродром Александар Велики патувале 87.992 патници, а од охридскиот Св. Апостол Павле 8.337, односно вкупно 96.329 патници.

Во првите пет месеци од 2013 година во споредба со лани, е забележено зголемување на бројот на патници од 16,4% со вкупно 365.358 превезени патници.

Во периодот од јануари до мај се реализирале 4.564 операции на воздухоплови што е зголемување од 6,9% во споредба со истиот период од 2012 година, додека, пак, во мај има значително зголемување од дури 19,8% во споредба со истиот месец минатата година.

Порастот на бројот на патници се должи на воведувањето нови линии на нискотарифниот авиопревозник Визер, поради зголемувањето на фреквенциите на некои од постоечките авиокомпании, но и поради одржувањето на изборите во Македонија.

Најпопуларна дестинација од скопскиот аеродром во мај, но и во текот на изминатите пет месеци, од јануари до мај, била Истанбул, па потоа следат Виена, Цирих, Лондон и Љубљана. Најмногу патници патувале со нискотарифниот авиопревозник Визер, па со Туркиш ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Адриа ервејс и Пегасус ерлајнс.