Просечните примања на пензионерите во балканските земји се значително пониски од исто така ниските примања на останатите граѓани, со што мнозинството пензионери немаат доволно пари ни за основните животни потреби.
Од сите земји во регионот и пошироко, просечните пензии во Македонија и Босна и Херцеговина се убедливо најмали, а во овие земји најмали се и просечните плати.
Според податоците од Заводот за пензиско осигурување на Македонија, просечната пензија изнесува околу 144 евра, а според Заводот за статистика на Македонија просечната плата во април годинава изнесувала 20.983 денари, односно 342 евра, што ги прави просечните примања на пензионерите за 200 евра помали од просечната плата.
Во БиХ просечната пензија во јануари 2013 година изнесувала 171 евро, а според податоците на Агенцијата за статистика, просечната плата во мај годинава изнесувала 425 евра.
Претседателот на синдикатот на пензионерите во БиХ, Нусрет Шуње за Анадолија изјавил дека поголем број од пензионерите во земјите од регионот, а посебно во БиХ немаат доволно пари ни за основите животни потреби.
Според него, голем број пензионери низ цела БиХ успеваат да преживеат со тоа што се хранат во разни хуманитарни и јавни кујни.
По БиХ, следи Србија каде според податоците на државниот пензиски фонд, просечната пензија изнесува 219 евра, а просечната плата пак исплатена во март годинава изнесувала 367 евра, што значи дека просечната пензија е за 150 евра помала од просечната плата.
Најголема просечна пензија во балканскиот регион имаат Црна Гора и Хрватска, и истата се движи околу 300 евра.
Според податоците на црногорскиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување, просечната пензија во земјата е 278 евра, а просечната плата исплатена во мај годинава изнесувала 480 евра, односно истата е за 200 евра поголема од просечната пензија.
Најголема пензија во регионот имаат хрватските пензионери, и истата според официјалните податоци изнесува 310 евра. Според хрватскиот завод за вработување пак, просечната плата во земјата изнесува 718 евра, со што истата е за 400 евра поголема од исплатата на просечната пензија, пишува Анадолија.