Во Македонија наскоро ќе се регулира тргувањето со криптовалути?

1906

Дали во Р.С. Македонија наскоро ќе се регулира тргувањето со криптовалути? Порталот Локално неофицијално дознава дека Народната банка на Македонија подготвува законска регулатива којашто ќе има за цел поддршка на трансакции за трговија со дигиталните валути. На овој начин, би се ставил ред во ова досегашно “сиво“ подрачје во кое плаќањето и тргувањето со криптовалути не е ниту забрането, ниту дозволено.

Како што пишуваат од  порталот редакцијата доставила прашања до Централната банка поврзани со оваа тема уште пред неколку недели, кога вредноста на биткоинот го надмина износот од 40.000 долари. Во исчекување на став на гувернерката, одговор е единствено добиен од МВР. Од таму без многу детали потврдуваат дека веќе се водат неколку постапки за трговија со криптовалути.

“Во однос на тоа каков вид на измами најчесто се пријавуваат со криптовалутите, ве известуваме дека најчесто преку електронска порака се испраќаат пораки до правни лица, големи компании, корпорации, за кога ќе се отвори електронската порака да им се криптираат податоците на правните лица, а за да им се вратат истите, односно декриптираат, за возврат им се бара уплата на парични средства во вредност на криптовалути“, велат во МВР.

Според скопјанецот Зоран Т. кој речиси 10 години работи со биткоини, ваквите примери влегуваат во доменот на криминалот и не треба да се врзуваат со потребата од носење законска регулатива на плаќањето и трговијата со криптовалутите. Како неприфатливо го оценува последното соопштение од Народна банка од пред три години во кое криптовалутата се нарекува шпекулативно финансиско средство чии трансакции можат да бидат поврзани со криминални активности.

“НБРМ едноставно за нешто што не го познава веднаш го нарекува криминално. Не е криминал ако некој купил биткоин кога чинел 200 или 1.000 долари, а денес вреди 35.000 до 40.000 долари. Тој не е криминалец туку визионер! Доколку се регулира оваа проблематика може да се следат трансакциите исто како и банкарските (блокчејн технологијата овозможува секоја трансакција да се види и никогаш не може да се загуби), а државата покрај тоа што има увид ќе има и бенефит од даночење на криптовалутите, а на граѓаните тие пари ќе им станат легални“, вели нашиот соговорник.

Како аргумент во прилог на тезата дека во светот, но и во регионот веќе постои законска регулација на криптовалутите наведува неколку примери.

“Во регионот како и секогаш предничат Хрватска и Словенија каде се регулирани криптовалутите и со биткоин може да се купува сè. Србија сега воведува регулатива, Косово има криптомати каде што може да се разменува биткоин. Во Европа најлиберални во овој поглед се Малта, Естонија, Литванија и Швајцарија која има и биткоин банки. Шведска веќе е во завршна фаза на имплементација на национален коин, во САД во неколку држави веќе може да се плати данок со биткоин, Нов Зеланд и Австралија даваат избор вработените да земаат плата во биткоин ако сакаат, PayPal го прифати биткоинот, сè повеќе од големите банки и сериозните компании ја применуваат блокчејн технологијата и го прифаќаат биткоинот како платежно средство итн“, вели Зоран.

Според него, во Македонија се повеќе расте интересот за купување на биткоинот, особено по последното покачување на неговата вредност. Дел од нашите граѓани вели тој работат со криптовалутите, дел само ги чуваат, а постојат и многу луѓе кои со соодветна опрема прават #mining“ (популарно наречено копање на криптовалути) посебно на етереум.

Како долгогодишен познавач на состојбите, нашиот соговорник ни открива дека во земјава со криптовалути директно не може ништо да се купи, освен во размена со други истомисленици кои се спремни да продадат нешто, а да им се плати во биткоин. Биткоинот, како што вели треба прво да се размени во пари па после да се купува, додека во некои земји може директно да се плати со биткоин.

“Во Хрватска на пример биткоините се носат во телефон на дигитален паричник (wallet) така што секаде каде што одите и има криптомати можете да ги размените за пари во која било валута или да платите директно со биткоин каде е прифатено од некои компании“, вели Зоран.

Укажува дека во Македонија биткоинот најчесто се купува во размена помеѓу луѓе, но исто така може да се купи и со банкарска картичка од некоја официјална берза која прифаќа банкарски картички.

Фото: Pixabay