Во Македонија се фрла скоро една четвртина од храната

42

hrana sto se frla

Во Македонија се фрла речиси една четвртина од вкупното количество храна со којашто манипулираат маркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите, јавува Миа.

Ова го покажува истражувањето спроведено во рамки на проектот Храната за гладните, а не на депонија, што беше презентирано денеска.

Како што изјави Душко Христов од Банката за храна, најмногу храна фрлаат дистрибутивните ланци чии производи се со краток рок на траење, потоа рестораните и домаќинствата.

“Вкупно 99% од анкетираните одговориле дека сакаат да ја донираат храната, а 45% од отпадот од домаќинствата е органски“, посочи Христов.

Банката за храна пред пет години покренала иницијатива за донесување закон за нефрлање храна во земјава, но не добила одговор од институциите.

Според бројот на жители, Македонија на листата од еден до десет во светски рамки, засега се наоѓа меѓу седмото и осмото место по фрлање храна.

“Илјадници тони храна којашто е добра за консумирање, секоја година завршува на депонија. Овошје и зеленчук што стоеле неколку денови, но не се расипани, млеко и месо со нивните преработки коишто се пред истекот на рокот, леб, печива, слатки и друга пакувана храна секојдневно се исфрлаат од македонските маркети и ресторани“, додаде Христов.

Истражувањето за фрлањето храна се спроведе во Тетово, Скопје, Битола и Струмица изминатите неколку месеци од страна на Храна за сите – Банка за храна Македонија, но денеска се презентираа резултатите само од Скопје и Тетово каде беа опфатени 170 субјекти, 130 во Скопје и 40 во Тетово.

“Овие вкупно 170 субјекти годишно произведуваат 18.129 тони храна или 384 тони неделно, најмногу леб, печива, свежо овошје и зеленчук. Притоа се регистрирани 66 отсто вишоци од кои најголем дел завршуваат на депонија,“ рече Христов, најавувајќи дека истражувањето продолжува и во останатите градови од Македонија.

На презентацијата присуствуваше и Араш Дерамбарш, еден од првите и засега единствени луѓе кои го иницираа донесувањето на Законот за нефрлање храна во Франција. Тој го сподели искуството во оваа сфера, начинот на донесувањето на законот и имплементацијата како еден од најбитните елементи.

Како што беше нагласено, засега во светски рамки САД најмногу фрлаат храна.

Храна за сите – Банка за храна Македонија работи на создавање систем којшто континуирано, 365 дена во годината ќе обезбедува барем малку храна за сите на кои им е најпотребна, гладните и сиромашни луѓе.

“Полека, но сигурно стануваме активен учесник и реализатор во акцијата посветена на борбата против сиромаштијата и гладот во земјава, како и сериозен борец против фрлањето, расипувањето на дел од храната. Се формиравме на 11 јануари 2011 во Скопје, решени да му помогнеме на секој човек во остварувањето на неговото есенцијално право на живот и животен стандард кој му обезбедува здравје и благосостојба“, потенцира Христов.

Храна за сите – Банка за храна Македонија досега има избрано и десет амбасадори, луѓе од јавниот живот, за борба против гладот во Македонија.