Делегати од 27 различни земји земаа учество на Институт за подготовка на глобални лидери во Македонија. На единаесетдневната школа, учесниците имаа можност да проследат програма со предавање од врвни предавачи вклучувајќи ги Сиесте Бакер, поранешен директор на Евросонг, познатиот Доналд Стил, поранешен шеф за комуникации на BBC, како и домашни предавачи меѓу кои, Коста Петров, сопственик на Пи Ворлд.
На доделувањето на дипломите на финалната церемонија, се обрати Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија и извршниот директор на Здружението Трет Милениум, Ангела Велкова, кои им посакаа успешно завршена школа во Македонија.
„Среќни сме што оваа година одбележавме петта година по ред од Институтот за подготовка на глобални лидери. Во време на сè почести проблеми во светот, конкретно со сиромаштија, немири, војни и раздор помеѓу граѓаните, имаме млади лидери кои треба да поттикнат на сплотеност во нивното општество да научат како да се биде лидер на глобалната сцена, да ги решат проблемите, да превенираат. Дефинитивно нашите предавачи, како амбасадори и значајни фигури од бизнис секторот, им дадоа една поинаква перспектива на делегатите за тоа како треба да се функционира во секојдневието и да се соочува со проблемите. Моќта на сите е во говорот, во јасната порака која треба да се испрати до младите, идните двигатели во светот“, изјави Ивана Стојаноска, директор за прием и стратешки иницијативи на Институтот за подготовка на глобални лидери.
Учесниците кои беа дел од традиционалната програма се со различна образовна и кариерна позадина, со една мисија, а тоа е да ги променат светските рамки на делување. Настанот е организиран од страна на Здружението на граѓани за глобални развојни иницијативи Трет милениум.