За Македонците, производите и компаниите како Витаминка, Опел, Милка, Бимилк, Нивеа или Нестле се најдобри примери и типични претставници на најдобар однос помеѓу цената и квалитетот (најдобра вредност за дадените пари) на македонскиот пазар.
Ова се резултатите на првото истражување за наградата Best Buy Award спроведено во Македонија од страна на швајцарската организација ICERTIAS. Организацијата го мери искуството и задоволството на граѓаните со односот помеѓу цената и квалитетот на производите и услугите кои можат да се најдат на пазарот, се наведува во соопштението.
Истражувањето за Република Македонија беше спроведено во февруари 2015 година. Неодамнешното истражување во Македонија опфати 55 различни комерцијални и некомерцијални економски категории, како: малопродажба, прехрана, обувки, облека, козметика, уреди за домаќинството, телекомуникации, финансии и многу други.
Прашањата во истражувањето за наградата Best Buy Award беа отворени, односно на испитаниците не им се нудеа повеќе одговори од кои можеа да изберат. Тие слободно можеа да ги наведат имињата на производителите и на давателите на услуги кои, според нивното искуство, нудат најдобар однос помеѓу цената и квалитетот на пазарот. Во истражувањето на испитаниците, на пример, во категоријата “Чоколадо“ им беше поставено следното прашање: Кој производител на чоколадо според Ваше лично искуство нуди најдобар однос помеѓу квалитетот и цената на македонскиот пазар?“ Најголем дел од испитаниците на ова прашање одговорија со Милка. На истото прашање во категоријата “Млеко“, првото место (најголем број гласови од страна на македонските корисници) го освои Бимилк. Во категоријата за семејни автомобили првото место го зазеде Опел.
Победници со освоено прво место во другите категории се Дивела (тестенини), Стопанска банка (банка), Нивеа (гел за туширање),Телекабел (давател на интернет услуги), Веро (меѓународен малопродажен синџир), Вива (овошни сокови), Пивара Скопје (светло пиво), ВИП (давател на мобилни услуги) итн…
Истражувањето за Best Buy Award не ја мери вредноста на брендот или пазарниот удел. Искуството, мислењето, задоволството и перцепцијата на корисниците се критериумите кои единствено се користат за да се измери односот помеѓу цената и квалитетот на добрата и услугите на пазарот, врз основа на личното искуство. Истражувањето за Best Buy Award – Македонија 2015/2016 го изврши швајцарската компанија ICERTIAS – Меѓународно здружение за сертификација ГмбХ, на примерок од 1.200 испитаници. Сите испитаници беа граѓани на Македонија, исклучиво корисници на интернет, постари од 15 години. Истражувањето се спроведе во февруари 2015 година, со употреба на прашалник подготвен со методот CAWI – DEEPMA (Интервјуирање на интернет потпомогнато од компјутер – Избор по подолго размислување).
Целта на проектот и на сертификатот за Best Buy Award е да се поедностави барањето на најдобрите производи и услуги по најповолна цена. Целта е да им користи на корисниците на локалниот и на меѓународниот пазар.