Во Македонија за неполна година отворени се над 40 семејни винарии

311

Повеќе од 40 мини винарници како мали семејни бизниси се регистрирани за неполна година. Освен во Тиквешко, како познат вински регион, мали винарии се регистрирани и во Прилеп, Битола, Скопје, Куманово.

Како што вели за МИА претседателот на Здружението Тиквешки семејни винарии, Горан Јаковлевски, во услови на КОВИД-пандемија, кога раздвиженоста на странски туристи е речиси минимална, се зголемува интересот за домашниот вински туризам и за посета на винариите.

“Се охрабривме да се регистрираме откако имаше законски олеснувања и создавање можности за излез на пазарот со сопствени производи од грозје во домашни услови. Но, освен нас, производителите на вино, ракија и жестоки пијалоци, во мини винарии, чии производи слободно можат да се најдат на сечија трпеза, во промет во продавници и угостителски објекти, се регистрираа и оние кои индивидуално се занимаваат со традиционално производство на маџун и ракија и можат да продаваат од куќен праг“, истакнува Јаковлевски.

Секоја винарија, додава, има своја приказна, а кога доаѓаат гости да ја слушнат, максимално се почитуваат превентивните мерки за заштита од Ковид.

“Доаѓаат домашни гости, се органзиираат дегустации. При еднодневна посета се дегустира во најмалку три различни винарии, но може и во пет. Се пробуваат најмалку шест различни вина, а на мени се и домашни ракија и вињак. Гостите се засладуваат и со маџун и рвенија, традиционално благо со маџун. За да не се дегустира на “голо”, имаме понуда од храна која оди со нашите вина и ракии. За домашните вински туристи главно сирења и кашкавали, домашен пинџур и слатко. За странците е интересно да пробаат македонски специјалитети како сукан баник, тие обично сакаат да учествуваат во подготовката на таквите ексклузивитети од поднебјето“, открива Јаковлевски.

Претседателот на Тиквешки семејни винарии вели и дека веќе има интерес и од домашните туристички агенции, па одделни тур-оператори во своите понуди го вклучиле и винскиот туризам, нудат вински тури. Се нудат еднодневни, но и дводневни викенд тури низ семејни винарии во Кавадарци и Неготино. Се посетуваат винарниците, се дегустира во соби за дегустација, а можно е и ноќевање.

Фото: Pixabay