Во недела започнува зимското сметање на времето – часовникот еден час наназад

21

Зимското сметање на времето започнува во недела во три часот кога часовниците се поместуваат за еден час наназад.

Зимското сметање на времето трае од 30-ти октомври до последниот викенд во март следната година, кога ќе започне летното сметање на времето.

Преминување на летно од зимско сметање на времето за прв пат е забележано во 1916 година во земјите од северна Европа, а главна цел била заштеда на електрична енергија.

Идејата за воведување на летното сметање на времето е засновано на астрономските факти дека во јануари Сонцето излегува околу осум часот, а заоѓа околу 16 часот. За разлика од тоа, во јули, кога денот е значително подолг, Сонцето изгрева околу пет, а заоѓа по 21 часот. Бидејќи луѓето своите дневни активности ги започнуваат во исто време во текот на целата година, обично околу седум часот, во средината на летниот период се “губат“ околу два часа дневна светлина.

Поради поместување на времето, попладне има повеќе дневна светлина одошто претпладне, па луѓето може да ги извршуваат своите активности без пречки додека денот е подолг. Некои анализи во САД покажуваат дека со поместување на часовникот се прави заштеда од околу 500 милиони до една милијарда долари.